top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Барди: Фудбалот не е математика, најважно е да знаеме што сакаме на теренот

Македонската фудбалска репрезентација утре ќе решава многу работи во Ереван, гостување на кое голем императив се трите освоени бода, бидејќи само така ќе останеме во игра за второто место на табелата, кое носи бараж за Светското првенство.

Последниот пораз од Германија направи веќе да не зависиме сами од себе и веќе нема простор за никакви калкулации, а за тоа се свесни и самите фудбалери.

Енис Барди како еден од лидерите во нашиот тим се појави на денешната прес-конференција во Ереван, на која нагласи дека Македонија ќе мора да одигра екипно добро за да ја оствари зацртаната цел против противникот кој влегува со идентични мотиви за триумф.

– Веројатно ќе решаваат ситници на утрешниот натпревар. Најважно е ние да сме подготвени и да знаеме што бараме на теренот. Овој меч е многу важен и за нас и за Ерменија. Треба да влеземе на терен со заедништво како никогаш досега и тоа е клуч за победа, само ако играме тимски ќе оствариме победа. Имаме нови фудбалери и треба време за да се воиграме, но тоа не е некој преголем проблем. Ние сите сме свесни што не очекува и мора да дадеме се од себе. Тоа е најважно, – изјави Барди кој смета дека јавноста има преголеми очекувања од репрезентацијата по настапот на Европското првенство.

– После Европското првенство сите очекуваат повторно нешто големо, но јас и натаму мислам дека мора да одиме од меч по меч. Долго го знаеме актуелниот селектор, но имаме и нови играчи и мора да бидеме трпеливи. Секој меч ни носи нешто ново, така треба да гледаме на работите. Фудбалот не е математика или нешто слично, потребно е време за работите да дојдат на свое место, – порача Барди.


1 view

Commenti


bottom of page