Барди предвиде што може да биде клучно во Палермо: Да ја добиеме почетната психолошка војна
- Aleksandar Santovski
- Mar 22, 2022
- 1 min read
Македонската фудбалска репрезентација вчера го одработи првиот од двата предвидени тренинзи во Скопје пред заминувањето за Италија, земја во која ќе го играме бараж полуфиналето за пласман на Светското првенство.
Нашите фудбалери денеска во 11 часот ќе го имаат последниот тренинг пред летот за Палермо, град домаќин на важната пресметка која ја играме во четврток на „Ренцо Барбера“.
Италијанците како актуелни европски шампиони се огромни фаворити и според медиумите и според букмејкерите, но македонските репрезентативци не планираат да се предадат и да заминат со „бело знаме“.
– Сите знаеме колку ни е важен овој меч, не чека тежок меч во кој Италијанците влегуваат со сите сили. Едвај чекаме да одговориме на овој предизвик, се игра еден натпревар, за нас ова е еден од најважните натпревари. Целта е да бидеме концентрирани во секој момент, да бидеме активни во сите 90 минути. Се игра само еден меч и може да победиме било кој во 90 минути.
– Во денешниот фудбал нема фаворити, има изненадувања, тие можат да имаат лош ден и ние покажавме доста пати дека можеме да победиме било кого. Најважно е да видиме како ќе изгледаме на теренот, тие имаат добра селекција, станува збор за европски прваци, но ние сакаме да се концентрираме на нашата игра. Да одговориме на барањата од селекторот, со нашиот квалитет да покажеме што можеме. Ќе ни недостасуваат Емас и Костадинов, но веруваме дека ќе ги исполниме барањата на селекторот и дека ќе одиграме и за нив. Неколку детали ќе го одлучат победникот, секоја топка е важна, секоја секунда на теренот ќе биде важна. Треба да издржиме првите 15 минути и да ја добиеме психолошката војна, – изјави Барди.

Comments