top of page

Барбарез: Македонија не ја омаловажуваме, идејата е да игра секој

28.05.2026 Maj Cetvrtok.

Селекторот на Босна и Херцеговина, Сергеј Барбарез, на денешната прес-конференција го најави пријателскиот натпревар против Македонија. Барбарез најпрво зборуваше за здравствениот билтен во репрезентацијата и состојбата со повредените играчи.„На добар пат сме со Харис Табаковиќ. Тој ќе ни се приклучи пред патувањето, но постои можност да продолжи со терапијата за да бидеме сигурни дека ќе биде целосно подготвен кога ќе дојде“, изјави Барбарез.

Тој се осврна и на состојбата на Иван Шуњиќ.„Станува збор за помала повреда на предниот мускул на ногата. Потребни се внимание и време. Очекуваме за викенд повторно да ни се приклучи и засега ситуацијата не е загрижувачка.“

Селекторот откри дека и Един Џеко добил одмор од тренинзите како превентивна мерка.„Им давам одговорност на играчите да ни кажат ако почувствуваат и најмал проблем. Подобро е сега да одморат, отколку кога ќе пристигнеме во Америка“, додаде Барбарез.

Во однос на споредбата меѓу Македонија и ривалите на Босна и Херцеговина на претстојното Светско првенство, Барбарез порача дека не смее да има потценување.„Ако не сте сериозни, тогаш не треба никого да рангирате. Јас не сакам да не рангираат нас и да не омаловажуваат, затоа што во минатото покажавме дека табелата и рангирањето не играат. Сме победиле со сериозни противници. Пријателските натпревари мора да се сфатат како сериозни тестови. Македонија е квалитетна селекција и има нов селектор. Пред Лигата на нации играат против нас и Турција и сигурно ќе сакаат победа, исто како и ние.“

Тој потенцираше дека натпреварот ќе биде искористен за ротации и распределување на минутажата.„Не можете на еден натпревар 90 минути да напаѓате или да се браните. Идејата е секој играч да добие барем по едно полувреме. Ќе видиме уште како ќе почнеме утре, но сакаме и да одмориме некои фудбалери ако имаат помали проблеми. Сепак, ова е сериозен меѓународен натпревар“, истакна Барбарез.

Натпреварот помеѓу Босна и Херцеговина и Македонија ќе се одигра во петок од 20:30 часот на стадионот „Кошево“.


 
 
 

Comments


bottom of page