„Балканкан“ прослави 20 години со проекција под отворено небо
- Aleksandar Santovski
 - Aug 22
 - 2 min read
 
22.08.2025 Avgust Petok
Со специјална проекција под ѕвездено небо на Rooftop Open Air Cinema, во организација на „Скопје сити мол“ и „Синеплекс“ и во соработка со Кинотеката на Македонија, синоќа беше одбележан големиот јубилеј – 20 години од премиерата на култната македонска црна комедија „Балканкан“ во режија на Дарко Митревски.На настанот присуствуваше дел од филмската екипа, актерите Владо Јовановски, Ѕвезда Ангеловска, Ирена Ристиќ, Емил Рубен, ѕвездите од „К15“ – Васко Тодоров и Бранко Огњановски, сценографот на филмот, Бујар Муча, костимографката Жаклина Крстевска, менаџерот на локации, Роберт Јазаџиски, и Зоран Ристески, продукциски менаџер, како и пријатели на филмот, и многу јавни личности од македонската сцена.
Режисерот Митревски, кој веќе 18 години живее и работи во Лос Анџелес и чиј филм ги собори сите рекорди на гледаност и обедини актери од Македонија, Србија, Хрватска, Босна, Италија и од Словенија, со видеопорака се обрати до присутната публика од елитната холивудска населба Малибу.
Во видеопораката накусо ја раскажа приказната за македонската урбана легенда за лошата баба завиткана во килим, која е лајтмотивот околу кој потоа се развива приказната на целиот филм.
„Приказната за бабата завиткана во тепих не ја измислив јас – тоа беше македонска урбана легенда за некое наше семејство на летување во Бугарија. Кога почнав да го подготвувам филмот, тогашната австриска амбасадорка во Скопје ме убедуваше дека оваа приказна не се случила во Македонија, туку на едно австриско семејство во времето на Студената војна во тогаш комунистичката Унгарија. Подоцна запознав и некои шпански новинари, кои ме убедуваа дека тоа е шпанска приказна, која му се случила на некое шпанско семејство во Мароко. За на крај, откога филмот прошета на фестивали и беше дистрибуиран во светот, да прочитам еден есеј на писателот Габриел Гарсија Маркес, кој вели дека постојат приказни што им припаѓаат на сите народи и за кои сите веруваат дека токму ним им се случиле, па наведува приказна за некоја си баба завиткана во украден тепих која ја слушнал дури во три земји: Виетнам, Аргентина и Русија. Тоа значи дека загубената баба му припаѓа на целото човештво. Единствена разлика помеѓу нивните баби и нашата баба е што нашата има име: се вика баба Зумбула. И таа баба Зумбула пред 20 години во Македонија беше пославна и од Бионсе и од Тејлор Свифт заедно. Таа баба на ‘Балканкан’ му донесе неверојатна популарност и тој стана најгледан филм во нашата кинематографија: со 150.000 илјади продадени влезници и 20.000 илјади легално продадени ДВД-примероци“, вели Митревски, додека во заднина се гледаат долгата плажа и тиркизниот океан, а потоа неочекувано го сврте ракурсот на камерата, каде што сè уште се гледаат урнатините во Малибу, кој изгоре во стравотните пожари годинава и додаде:
„Како едно мало потсетување, гламурот и славата се минливи, нашите животи се минливи – само делата се вечни. И затоа на баба Зумбула и на ‘Балканкан’ им посакувам да ни бидат вечни и вековити“.
По проекцијата, следуваше кратка сесија разговори со дел од актерската екипа, во која беа споделени анегдоти, спомени и емотивни моменти од снимањето. Настанот заврши со коктел под отворено небо – вистинско филмско славење, проследено со неформално дружење.
Поради голем интерес на 22 август (петок) во 21 часот, „Балканкан“ ќе биде повторно прикажан на Rooftop Open Air Cinema.






Comments