„Балкан-бенд“ со „А, бре, Македонче“ ја опеа македонската борба за слобода – Промоција како ретко ко
„Балкан-бенд“ со „А, бре, Македонче“ ја опеа македонската борба за слобода – Промоција како ретко која, во скопската “Рагуса“А, бре, Македонче ….за каде се спремаш? Борба те чека, борба за слобода. Борба за слобода, за Македонија, за Македонија, земја поробена, македонското име нема да загине… е стара македонска народна песна од патриотско-борбен карактер, химна на партизанското движење во Македонија, која потекнува од периодот на НОБ, односно во Втората светска војна.
Песната е многу популарна и денес, а се смета за народна песна, иако е создадена од Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски-Оцка. Таа е напишана два месеца пред македонската химна „Денес над Македонија“, во периодот меѓу 23 октомври и 8 ноември 1941 година, кога ја имала својата прва изведба во прилепското село Царевиќ, на првиот народен собир во фашистички поробената Македонија. Хроничарите на НОБ, велат дека задачата им била доверена на Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски-Оцка. Овие борци не биле ни најмалку случајно избрани. Крсте Црвенковски како политички комесар на одредот имал задача да испрати порака до борците и народот за помасовно учество во партизанската борба, Коле Чашуле со својата писателска дарба дал придонес во составувањето на текстот, а Ордан Михајлоски-Оцка, кој бил талентиран и образуван виолинист, учествувал во создавањето на музиката за песната.
Песната дури се изведувала во првиот македонски игран филм „Фросина“ во 1952 година по аранжман на композиторот Трајко Прокопиев, како и во македонскиот игран филм „До победата и по неа“. Популарна е и со дуетот Никола Бадев и Александар Сариевски..
Сега во ова наше современо време, песната на свој модерен начин ја донесоа и преку видеозапис (во режија на Даниел Јовески) познатиот македонски „Балкан бенд“. Тие, по тој повод, завчеравечер направија гламурозна промоција во скопската „Рагуса 360“, во присуство на навистина огромен број нивни колеги музичари и пејачи, новинари кои секогаш ја следат нивната работа, пријатели, деловни соработници… Во наредниот летен период следуваат и концертни промоции на бендот низ кои тие, во живо, пред фановите ќе ја пеат песната која никого не остава рамнодушен. (Фото:“Вечер“)
Comments