Балетската класика „Рајмонда“ на сцената на Националната опера и Балет
По повод Светскиот ден на балетот, кој оваа година се одбележува на 2.11.2022, на сцената на Националната опера и Балет, на 1 ноември 2022 (вторник), со почеток во 20 часот, ќе се изведе еден од бисерите на балетската уметност, раскошната балетска класика „Рајмонда“ од Александар Глазунов. Безвременски балет, кој е израз на целосната убавина на класичниот танц. Диригент на претставата е Бисера Чадловска, кореограф е Виктор Јаременко од Украина. Прекрасните костими и спектакуларната сценографија се на гостите од Украина, Гана Ипатиева и Андреј Злобин. Во главните улоги ќе настапат: Мими Поп Алексова Атанасовска, Балаж Лочеи (Унгарија), Абдурахман: Васил Чичијашвили (Грузија), Илијана Данилов, Христина Наќевска, Наташа Трендафилова-Гицев, Игор Веланоски и Ендру Кук (Англија). Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и Балет. „Рајмонда“ е балет во два чина. Светската премиера е одржана во Маринскиот театар во Санкт Петербург во јануари 1898 година. Либретото за балетот „Рајмонда“ е базирано на типичната драматургија, која го обележува времето на романтизмот. Во драмите (приказните) на овој уметнички правец доминираат темите за јунаштвото, благородништвото, љубовта, достоинството и честа.
Comments