Балетот на Народниот театар од Белград гостува со „Жизел“ во Скопје
Во Националната опера и балет вечерва гостува Балетскиот ансамбл на Народниот театар од Белград со претставата „Жизел“, на музика на Адолф Адам, во кореографија на Леонид Лавровски.
Претставата ќе се реализира како дел од неодамна покренатата платформа „Театар Отворен Балкан“, која има за цел зајакнување на поврзаноста на најважните национални културни институции и ќе го претставува првото гостување на комплетниот балетски ансамбл на Народниот театар од Белград.
Главните улоги ќе ги играат Бојана Жегарац Кнежевиќ (Жизел), Хозе Иглесијас (Алберт), Никола Бјанко (Иларион), Ада Распор (Мирта), Теодора Спасиќ и Егор Бурба (Pas de deux).
На претставата ќе учествува и Оркестарот на Националната опера и балет под диригентство на Иван Еминовиќ.
– Овој уметнички сложен зафат што заедно го изведуваат балетскиот ансамбл и оркестарот на два различни национални театри не само што е ексклузивен и редок настан, туку и во вистинска смисла ја исполнува мисијата на платформата, која вклучува соработка и културна размена, наведуваат од Народниот театар од Белград.
Comments