Балерината Стефанија Гаштарска: Бољшој ми е желба, но понудата на Перм театарот во Русија просто не
03.09.2021 Septemvri Petok
“Известување дека сум одбрана и поканета да бидам дел од Бољшој театарот, беше најубавиот ден во мојот живот и остварување на мојата најголема желба, но ситуацијата со ковидот навистина ги компликува работите. Се стопираше издавањето на визите, па и онака сложената ситуацијата околу работните визи додатно се компликуваше. Кога конечно се отвори можност за влез во Русија добив неколку понуди за кои вредеше да се размисли и конечно една која просто не се одбиваше. Сега сум во Перм Опера и Балет Театар“, вели за весникот ВЕЧЕР младата балерина Гаштарска
Минатата година во јуни доби известување дека ќе бидеш ангажирана во еминентниот руски театар Бољшој во Русија. Со оглед дека пандемијата ги помести плановите на уметниците во целиот свет, а во моментот таа е повторно во полн ек, што се случуваше во меѓувреме?
Точно така во јуни минатата година добив известување дека сум одбрана и поканета да бидам дел од Болшој Театарот, единствена странкиња меѓу одбраните. Тоа беше најубавиот ден во мојот живот и остварување на мојата најголема желба, но ситуацијата со ковидот навистина ги компликуваше работите. Се стопираше издавањето на визите и онака сложената ситуацијата околу работните визи додатно се искомплицира. Секој месец бев во комуникација со рускиот амбасадор Баздникин (кој многу ми помагаше и затоа сум му многу благодарна) и со раководството на театарот, но ситуацијата не се менуваше и така ми пропадна буквално цела сезона. И наместо да сум на сцена ја поминав дома во четири ѕида обидувајќи се да останам во форма и надевајќи се дека оваа лоша фаза брзо ќе заврши. Кога конечно се отвори можност за влез во Русија добив неколку понуди за кои вредеше да се размисли и конечно една која просто не се одбиваше. Сега сум во Перм балет и Опера-театар каде што и почна мојата приказна со Русија и за кој сум посебно емотивно врзана.
На што работиш во моментот и како ти поминуваат деновите?
Во моментов ми се случува и го работам тоа што секоја балерина го сонува, а тоа е белиот и црниот лебед од претставата Лебедово Езеро односно Одета и Одилија, улоги кои се круна на една кариера, а јас ја добивам шансата да ми бидат отскочна даска, односно првата премиера во мојот работен ангажман што е исклучителна шанса и огромна одговорност и задоволство.
Како гледаш на целиот овој изминат период додека траеше пандемијата и дали за работа во Државниот Театар во Перм -Русија, се потребни посебни услови, вакцинација…?
На овој период што помина гледам како на нешто на што не сакам да се сеќавам и се надевам брзо ќе заврши и никогаш нема да се повтори од професионален аспект. Од приватен, тоа е период поминат со моето семејство кој ме направи посебно среќна. За да се работи во овој и во било кој реномиран Театар во Русија и општо во светот потребно е да имаш адекватно образование и нормално да ги исполнуваш физичките психичките и технички критериуми кои се прилично високи. Вакцинацијата е пожелна, но секако не е задолжителна.
Со оглед дека во Перм си заминала на 15 години, како од оваа перспектива гледаш на ова училиштето и што е она што го издвојува како балетска установа?
Пермското училиште и Театар се едни од најстарите и најреномирани установи за балет и продуцираат врвен квалитет. Во прашање е огромна традиција, врвни балетски имиња поминале низ овие сали и сцена, врвни педагози и играчи, се работи многу, просто преубаво е чувството да си дел од таа приказна. Само за пример, денот ми започнува во 11 часот со вежби и потоа продолжувам со проби кои најчесто ми завршуваат во 23 часот, но колку и да е напорно јас уживам и сум благодарна што после толку време се вратив во сала и на сцена.
Дали си запознаена каква е состојбата со театрите во Русија, за нивното функционирање, одржување на претстави…?
Не знам за публика дали сѐ уште ќе се оди со намален капацитет, но претстави има, бројот не е намален, напротив работиме и спремаме многу.
Дали во догледно време и кога би можела да очекуваш да бидеш ангажирана и во Бољшој?
Искрено да ви кажам Болшој секако ми е желба, но шансата за професионален напредок што ја добив тука не би ја менувала со ништо, така што Бољшој – да, некогаш, ама здравје под други услови. Сега планот ми е кариерата да ја почнам и градам на сцената на Пермскиот национален театар. (Д.Т.)
Comments