Баерн игра за продолжување на три победнички серии
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Германскиот првак Баерн гостува кај Копенхаген, шампионот на Данска, во второто коло на фудбалската Лига на шампионите, во обид да продолжи неколку победнички серии. Така, Баерн веќе е во рекордна низа од 35 меча без пораз во групната фаза, пет повеќе од претходниот рекорд, поставен од Реал Мадрид од 2012 до 2017 година. Во таа низа Баерн забележа 32 победи и три ремија. Но шесткратниот европски првак е во низа и од 14 победи по ред во првиот дел од една сезона во Лигата на шампионите, и тоа во две сезони по ред (2021/2022 и 2022/2023) оствари по шест победи во групната фаза, како и по еден триумф во шестото коло во сезоната 2020/2021 и во првото коло сезонава. Според информациите, Баерн, кој првпат се среќава со Копенхаген во официјален европски меч, 25 години нема пораз на гостување во Данска (од Брондби, во 1998 година)… Клубот од Минхен е рекордер и според бројот на сезони, три, во кои победил во сите шест натпревари во групната фаза, бидејќи тоа го оствари во сезоните 2019/2020, 2021/2022 и 2022/2023, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Вкупно уште седум клуба заокружиле играње во групната фаза во една сезона без загубен бод, и тоа двапати Реал Мадрид (во сезоните 2011/2012 и 2014/2015), а по еднаш Милан (1992/1993), Пари сен Жермен (1994/1995), Спартак Москва (1995/1996), Барселона (2002/2003), Ајакс (2021/2022) и Ливерпул (2021/2022), пишува УЕФА. Наполи на македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас го пречекува најтрофејниот клуб во ова натпреварување, 14-кратниот европски шампион Реал Мадрид, во натпревар од групата Ц, во која дебитантот Унион Берлин игра дома со Брага. Наполи и Реал Мадрид забележаа победи во првото коло, на гости кај Брага, односно дома со Унион Берлин. Во групата Д, пак, на програмата е дуелот помеѓу актуелниот европски вицешампион Интер и Бенфика, клубови што меѓу себе играа во финалето на некогашниот Куп на шампионите (сега Лига на шампионите) во 1965 година (победи Интер со 1-0), натпревар што беше игран исто така на стадионот во Милано. Н.М.
Comments