top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Аудиција сега“ со барање: Транспарентни конкурси за вработување и невработен актер во секоја претст

„Аудиција сега“ со барање: Транспарентни конкурси за вработување и невработен актер во секоја претстава! „На средбата со министерката за култура на 5 април, дел од барањата беа прифатени и наши претставници од иницијативата се во редовна комуникација и соработка со Министерството за култура, со цел спроведување и применување на барањата во пракса. Во меѓувреме станавме сведоци на неколку јавни огласи за вработувања во неколку национални установи, но никако да посведочиме на целосно транспарентно споделување на огласите“, велат од иницијативата „Аудиција сега“, покрената од повеќе од 120 невработени актери, режисери, драматурзи и продуценти

„Ангажирање на минимум еден невработен актер во секоја претстава и минимум еден невработен режисер за некоја од претставите од годишната програма, како и објавување на секој конкурс за вработување на веб-страницата на институцијата“, се барањата кои иницијативата „Аудиција сега“, покрената од 120 невработени актери, режисери, драматурзи и продуценти, преку отворено писмо ги упати до директорите на националните установи, центри за култура и театри. Од „Аудиција сега“ посочуваат дека стојат и на своето претходно барање за отворање на нови работни места.

„На Светскиот ден на театарот, 27 март, иницијативата првпат јавно се обрати до Министерството за култура со пет барања чија цел беше да се изнајде решение за нашиот статус и бројка на невработеност; остварување на редовен и еднаков пристап до ангажмани; повисоки буџети за независната сцена, како и потранспарентно работење на националните установи при вработувања, спроведувања аудиции итн. На средбата со министерката за култура на 5 април, дел од барањата беа прифатени и наши претставници од иницијативата се во редовна комуникација и соработка со Министерството за култура, со цел спроведување и применување на барањата во пракса. Во меѓувреме, станавме сведоци на неколку јавни огласи за вработувања во неколку национални установи, но никако да посведочиме на целосно транспарентно споделување на огласите“, велат од иницијативата „Аудиција сега“.

„Секоја година се собираат голем број кадри, со малку вработувања, поради што стигнавме до бројка од 120 невработени театарџии (актери, режисери, драматурзи, продуценти). Во изминатава година, само од класите по актерска игра во Македонија имаат излезено околу 15 актери. Ако ги земеме кадрите од годините пред тоа и само едниот конкурс за вработување од лани, во нашиот најголем национален театар, на кој беа отворени само три работни места за актери и којшто беше неуспешен/затворен од непознати причини – бројката на вработеност е страшно помала од онаа на невработеност. Ова директно значи нула вработувања на завршени 15 актери по струка во една година, а наскоро, годинава ќе дипломираат уште толку актери…”, изјави неодамна за весникот ВЕЧЕР, актерката Јована Спасиќ, дипломирана на ФДУ во 2021. Актерот Виктор Велевски, пак, дипломиран на ФДУ во 2020, пак, посочи: „За голем дел од барањата, како на пример за создавање на електронска база на податоци за дипломираните, невработени и невработени по струка театарски работници, како и за креирање на долгорочна стратегија и за вклучување на невработени театарџии во институционалните проекти, добивме зелено светло и ни беше кажано дека ќе почне процесот на нивно применување во најскоро време“.

Претставниците на „Аудиција сега“ побараа во најкус можен рок националните институции од областа на културата да креираат или да ги ажурираат веб-страниците.

„Со оглед на тоа што веќе се појавија и отворени повици за режисерски предлог-проекти за годишните програми за 2023 година, сакаме да ве известиме дека Министерството ги разгледува предлог-образецот за нацрт-годишна програма и предлог-образецот за професионална претстава кои ние, како иницијатива, ги доставивме до правната служба на министерството пред еден месец. Овие предлог-обрасци треба да содржат нови критериуми и приоритети за програмите на Вашите институции. Од Вас, како поднесувачи на предлог-програмите, бараме да ги испочитувате новитетите во документацијата со цел и ние, како невработени, да добиеме можност за поголема присутност и ангажман во институциите. На македонскиот театар му се потребни разноликост, нова енергија и нови имиња на театарџии“, велат во своето писмо упатено до културните институции од „Аудиција сега“. Тие, исто така, побараа институциите навремено да изготват систематизација на работните места врз основа на прецизно изработени функционални анализи, со цел да се утврдат расположливите, но и потребните кадровски ресурси во институциите и јавно да се објават на веб-страниците.

„Во многу институции, голем дел од повозрасните колеги се пензионираат, а постојат и колеги кои со години не стапнале на сцена од најразлични причини, дел не по своја вина. Од центрите за култура и/или театрите кои немаат вработени режисери, драматурзи и продуценти, бараме да ја поднесат потребната документација во предвидените рокови за, од следната година, да започне предвидувањето и отворањето на работни места за овие невработени театарски кадри. Меѓу другото, отворање на работни позиции за режисери и драматурзи се нема случено од 2014 година. Исто така, бараме сериозно да започне да се применува склучувањето договор на дело и ангажирање на театарски работници по тој принцип, односно центрите за култура и театрите да пресметаат и побараат средства во материјалните трошоци од своите годишни нацрт-програми и да ги предвидат ваквите ангажмани“, додаваат од иницијативата. Оттаму посочуваат и дека сегашната бројка од 124 невработени и/или невработени по струка театарски работници, значително ќе се зголеми. (Д.Т.)




2 views

Comments


bottom of page