(Аудио) Дилан, Спрингстин, Шакира… Зошто ѕвездите ги продаваат правата на своите песни?
„Времињата се менуваат“, oтпеа Боб Дилан во една пригода и секако дека е во право. Музичарите сè повеќе ги продаваат правата на своите песни. Компанијата „Сони мјузик“ во понеделникот објави дека го купила целиот каталог на снимена музика на Боб Дилан од 1962 година до денес, а во договорот се вклучени и идните изданија и реизданија. Цената не е објавена, но експертите проценуваат дека Дилан најверојатно добил околу 200 милиони долари. Ова не е прва продажба на опусот на Дилан. Пред нешто повеќе од една година, тој ги продаде на „Јуниверзал“ авторските права на неговите песни (што се разликува од дискографски права) за наводно 300 милиони долари. Добитникот на Нобелова награда за литература е само уште еден во низата музичари кои решаваат да ги продадат своите права на големите издавачки куќи и корпорации. Непосредно пред 75-годишнината од раѓањето на Дејвид Боуви, неговите наследници си дадоа голем подарок продавајќи ги правата на целиот негов музички каталог. Тие добија 250 милиони долари за тоа, според списанието „Вараети“. Опусот на Боуви, кој опфаќа шест децении креативност, вклучува повеќе од 25 студиски албуми со хитови како Space Oddity, Changes, Heroes и Let’s Dance. Сето ова сега припаѓа на Warner Chappell Music. Брус Спрингстин го продаде целиот свој опус на „Сони“. „Ред хот чили пеперс“, Шакира, Тина Тарнер и многу други, исто така, заработија значителни суми со откажувањето од правата на својата музика. Резултатот е пад на продажбата на снимен материјал бидејќи луѓето сè повеќе се свртуваат кон стриминг музика на платформи како „Спотифај“ . Покрај тоа, има и пад на приходите од концерти поради пандемијата. „Не можам да работам“, твитна американскиот кантавтор Дејвид Крозби пред една година, кога реши да ги продаде правата.„Стримингот ми ги украде парите од плочи… Имам семејство и хипотека и морам да се грижам за нив , така што тоа е мојата единствена опција.“ Откако ќе се продадат, тешко е да се вратат правата на една песна. Но, барем на краток рок, уметниците заработуваат големи пари. Медиумите шпекулираат дека рок-групата Red Hot Chili Peppers заработила околу 140 милиони долари од продажбата на правата на британската корпорација Hipgnosis.
Comments