top of page

Атанас Костовски и Зоран Михајлов: Во Копенгахен нема да играат имињата, туку инспирацијата и храброста

25.03.2026 Mart Sreda

Нашите поранешни ТВ коментатори, Атанас Костовски и Зоран Михајлов, кои по осамостојувањето на нашата држава во многу наврати ги коментираа мечевите на фудбалската репрезентација, денеска се пензионери, но во нивните срца се уште пламти поддршката за националниот тим.

Во пресрет на првиот натпревар од баражите за Светското првенство, редакцијата „Дерби“ ги контактираше за да ги слушне нивните очекувања за дуелот со Данска. Атанас Костовски кој го коментираше првиот меч на Македонија со Словенија во Крањ, што го добивме со 1:4, како фудбалски коментатор на МТВ бил присутен на седум светски фудбалски првенства.

– Секој натпревар е натпревар сам за себе. Тука не играат имињата, туку срцето, инспирацијата и храброста. Нема да биде лесно, но Македонија мора да покаже дека посакува и заслужува да оди на Мундијалот. Мојот тип за херој на натпреварот е Столе Димитриевски, брани во животна форма и најмногу очекувам од него. Ова ќе биде по втор пат Светското фудбалско првенство да се игра во САД, јас го коментирав она што се одржа таму во 1994 година. Со новиот формат, на луѓето ќе им треба годишен одмор за да го проследат од почеток до крај, но верувам дека ќе биде големо шоу бидејќи за овие 30 години овој спорт стекна уште поголема популарност на овој континент, односно – ќе се бара билет повеќе!

Зоран Михајлов имаше широк спектар на спортови кои ги коментираше, од бокс и борење, до ракомет и атлетика, но вечно ќе се памтат неговите зборови од легендарното реми на Македонија со Англија, играно на „Сент Мери“ во Саутемптон, кога натпреварот заврши 2:2.– Едно е сигурно, а тоа е дека нема ништо сигурно во ваквите бараж натпревари. Сега најмалку ни треба еуфорија, напротив, фудбалерите мора да останат со студена глава, да ги извршат тактичките задачи. Данците имаат искуство кое носи извесна предност во ваквите нокаут натпревари, но и нашиот тим е заедно веќе долго време, а наш адут се младоста, борбеноста и играта со срце. Очекувам да дојдат до израз индивидуалните квалитети на играчи како Елмас и Барди, бидејќи еден нивен потег е доволен за да ги изненадиме противниците, во игра или од прекин. Седлоски допрва ќе го „почувствува“ тимот и ќе дознае во иднина за кого може колку да се потпре, но очекувам дека храброст нема да недостига, а со тоа и малку спортска среќа.

Натпреварот меѓу Македонија и Данска се игра утре во Копенхаген, со почеток во 20 часот и 45 минути.


 
 
 

Comments


bottom of page