Атанас Ботев успешно се претстави во КИЦ–Тирана
Македонскиот КИЦ во Тирана за првпат пред тиранската публика го претстави сликарот Атанас Ботев со неговите дела. – Неговите халуцинантни слики со длабока содржина беа голема провокација за љубителите на уметноста во Тирана. Многумина констатираа дека се работи за уметност што е сосема нова и оригинална. Во убава атмосфера, сам од себе се разви прекрасен разговор за сликите на Атанас Ботев и каде треба да оди денешната нова уметност – информира Златко Ориѓански, директор на Културно-информативниот центар на Македонија во Тирана.
Атанас Ботев е реномиран македонски ликовен уметник, кој дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (графика и графички дизајн), каде што и магистрирал. Работи како раководител на Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје. Твори во повеќе медиуми: сликарство, графика, цртеж, инсталација, перформанс. Реализирал голем број самостојни и групни изложби дома и во странство, а добитник е на повеќе награди.
Comments