top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Археологот Темелкоски за богатството на Прилепско: Македонска Помпеја, Варош со 77 цркви и втор најс

„Сведоци сме, особено последните години, за зголемен интерес за посета на локациите во Прилепскиот регион, кои го оживуваат духот на нашето богато минато. Сепак постои недостиг на промотивен материјал со кој би се популаризирало богатото историското и културно наследство кое го поседуваме“, вели за весникот ВЕЧЕР, археологот Душко Темелкоски. Неговиот „водич“, авторското дело „Античкото богатство на Прилепскиот регион“, кој беше недамна издаден, предизвика внимание во јавноста, а ќе послужи и како одличен информатор за секој оној што сака да дознае нешто повеќе за богатата историја на Прилеп и неговата околина. Токму Темелкоски ни раскажа и за сето она што во таа насока Прилепско може да му понуди на секој посетител…

По 25 години активна работа на теренски истражувања на археолошки наоѓалишта и над 40 стручни трудови, Душко Темелкоски, археолог и кустос советник во Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп одлучи да издаде книга –водич насловен „Античкото богатство на Прилепскиот регион“, кој неодамна излезе од печат. Со својата содржина тој е одличен информатор за секој оној што сака да дознае нешто повеќе за долгата историја на Прилеп и неговата околина, иако како што ни открива Темелкоски, прилепскиот крај е огромна ризница во која приказните за „Македонската Помпеја“, Варош со 77 цркви и вториот најстар кирилски натпис на светот, се само мал дел од богатството кое го поседува.

Древно културно наследство

„’Античкото богатство на Прилепскиот регион’ претставува мое прво авторско дело наменето за пошироката јавност.

Станува збор за водич, преку кој читателите можат да се запознаат со древното културно наследство од античките периоди во Прилепско: раната антика, времето на владеењето на македонските кралеви и римскиот период.

Стибера

Покрај лесно приемчив текст, во него се презентирани и мошне впечатливи фотографии од археолошки локации, како што се античкиот урбан центар Стибера, кај селото Чепигово, и монументалната гробница на пелагониски крал помеѓу селата Подмол и Бонче, како и од репрезентативни предмети од оваа далечна епоха: мермерни скулптури, накит, оружје, монети и други наоди“, објаснува Темелкоски.


Идејата да се направи еден ваков „водич“ пак, е на Кирил Котески, сопственик на малопродажен објект во центарот на градот, кој како што вели Темелкоски, од искуство знае за недостиг на ваков вид на промотивен материјал со кој би се популаризирало богатото историското и културно наследство кое го поседува овој крај.

„Сведоци сме, особено последните години, за зголемен интерес за посета на локациите во Прилепскиот регион, кои го оживуваат духот на нашето богато минато. Благодарение на интернетот е мошне олеснето секој вљубеник во културното и историско минато, да се организира за посета на определена локација.


Редовно, особено пред појавата на пандемијата, бројни странски туристи и нашинци што живеат надвор од државава, се интересирале дали во неговите продажни објекти има да понуди некаков водич во кој се презентирани Прилеп и неговата околина. Идејата ја реализиравме за кратко време, а водичот кој е двојазичен (со превод на англиски од страна на професорката Стевка Небрежанец) е веќе во продажба“, додава Темелкоски.

Црква за секое семејство

Сепак, тој истакнува дека туристите најчесто посетуваат средновековни цркви во градот и околината. Приградската населба Варош, која била всушност средновековниот град Прилапон, имала 77 цркви, според преданијата за секое семејство по една. Секако најзначајни се малата еднокорабна црква Св. Никола, чиј фрескоживопис се изучува на катедрите по историја на уметност во колевката на ренесансата, Италија, како и манастирот Св. Архангел Михаил.


„Тој е изграден помеѓу карпите под тврдината на кралот Марко, чиј лик е претставен на фреска на едната страна од влезот во манастирската црква, додека на другата страна е претстава на неговиот татко, кралот Волкашин. Мермерните столбови кои го носат тремот пред влезот во црквата всушност дел од антички храм, што значи дека местото продолжило да биде сакрален простор и во времето на христијанизацијата со изградбата на црквата. На еден од овие столбови е изгравиран вториот по старост кирилски натпис на светот, во кој се зборува за некој епископ од 10 век. Мошне атрактивни дестинации се и манастирот Св. Преображение во селото Зрзе, кој денес е епископско седиште и манастирот Успение на Св. Богородица на Трескавец, кој се издига високо над прилепското поле и кој, покрај духовна мека, претставува и задолжително место од каде што во пролетните и летните месеци полетуваат параглајдери, не само од нашата држава туку од целиот свет. Глетката од Трескавец кон полето е навистина импресивна…“, истакнува прилепскиот археолог.

Марковите кули задолжителна дестинација на туристите

Марковите кули се задолжителна дестинација на туристите. Претставуваат претежно карпест рид, издигнат над населбата Варош, при што градот е како на дланка.

„На тој простор е изградено средновековното утврдување, по големина петто на Балканот во тоа време. Името го носи според легендарниот крал Марко, кој бил мошне вешт дипломат во немирните времиња кога Турците забрзано го освојуваат Балканскиот Полуостров во втората половина на 14 век. Имено, кралот Марко успеал да издејствува автономија на своето кнежество, но за возврат морал да служи во походот на Балканот на освојувачите од исток. По неговото загинување во борба во денешна Романија, утврдувањето го губи своето значење, односно и средновековниот град Прилеп заедно со поширокиот регион потполно потпаѓаат под османлиска власт“, ни ја раскажа Темелкоски накратко приказната за овој дел од историјата на Прилепско.


Но, и во самиот град туристите уживаат во прошетка низ уличките од старата чаршија, во која доминира Саат кулата, изградена во средината на 19 век.

„Откако угледни прилепчани добиле дозвола од Истанбул за подигање на кула, чаршиските еснафи со заеднички сили ја подигаат Саат кулата, повисока од џамијата. Иако ова не му се допаднало на локалните турски власти, сепак величественоста на самата градба не ги оставила рамнодушни, така што не ни помислиле да ја урнат. Поднаведната, денес потсетува на кривата кула во Пиза“, раскажува нaшиот соговорник.

Прилеп има и бројни музејски изложбени простори, делови од музејот, кои се посетени од страна на туристите како Галеријата на икони, Музејот на тутун (единствен кај нас, со извонредна збирка на предмети поврзани со користењето на тутунот), Музејот „11 Октомври“, во кој се презентирани артефакти кои говорат за херојскиот востанички чин на прилепчани во 1941, како и меморијалните музеи – родните куќи на народниот херој Кузман Јосифоски-Питу и на Блаже Конески во селото Небрегово.

Извонредни мермерни скулптури во „македонската Помпеја“

Кога станува збор за археолошките локации секако најпосетен е античкиот урбан центар Стибера, кај селото Чепигово, формиран во времето на владеењето на последните антички македонски кралеви, таткото Филип 5 и синот Персеј. Процутот го имал во римскиот царски период, а поради бројните пронајдени, извонредно изработени мермерни скулптури со претстави на божества и видни граѓани, градот Стибера во науката е познат како „Македонска Помпеја“.


„Мермерот од кој биле изработени овие скулптури е истиот оној од басенот Плетвар – Сивец, кој денес е познат како еден од најквалитетните ситнозрнести мермери во светот. Покрај Стибера, туристите се заинтересирани и за посета на монументалната гробница помеѓу селата Бонче и Подмол. Во оваа гробница, единствена од овој тип кај нас, бил погребан пелагониски кнез на преминот од 4 во 3 век од старата ера. Според начинот на кој е изградена (со кружен надворешен ѕид, засведен ходник – дромос и внатрешност каде што била положена урната на покојникот и даровите за него, оваа гробница е од т.н. македонски тип на гробници, и е сосема идентична како онаа од Амфиполис, денешна Грција, откриена пред неколку години“, вели Темелкоски.


Археолошките наоди се сепак она што зборува најсликовито за периодот од кој потекнуваат. Највредни се секако според Темелкоски, трите штитови откриени на локалитетот Старо Бонче кај селото Бонче. На нив се претставени големо централно и седум помали сонца, како и испишано име на античко македонскиот крал Деметриј 2, кој владеел околу 30 години по смртта на Александар Велики. Овие раритетни наоди претставувале гардиска опрема на армиски офицер на кралот од тоа време. Штитовите се реконструирани, и еден е изложен во Археолошкиот музеј во Скопје, додека другите два се во постојаната изложбена поставка во прилепскиот музеј. Во оваа поставка посетителите можат да видат и мноштво репрезентативен движен материјал пронајден со истражувања на археолошките наоѓалишта во прилепско: мермерни скулптури, теракотни фигурини, монети, оружје и разни предмети за секојдневна употреба од праисторискиот, античкиот и средновековниот период.

Поддршка од надлежното Министерство

Заради непознати околности, две години археологија во прилепскиот музеј, посочува Темелкоски – немаше. „Конечно, по наше реагирање (на археолозите вработени во музејот), оваа година добиени се задоволителни средства за доистражување на една градба во Стибера и за истражување на неколку антички доцномакедонски гробници вдлабени во карпи.

Исто така добиени се и средства за одржување на претходно откриените градби во Стибера, како и за публикување на водич во кој ќе се презентира богатиот материјал од мермерни наоди“, вели археологот Темелкоски, кој како што истакнува треба многу да се направи од страна на државата за поширока афирмација на овие локалитети, поточно тие да станат повидливи во пошироки рамки.

“Што се однесува до промоција на археолошките наоѓалишта во прилепскиот регион, патниот пристап до нив е задоволителен.

Но, локалитетите не се соодветно оградени и обележени. Нереализирањето на овие задолжителни инфраструктурни активности се должи на тоа што наоѓалиштата се речиси во целост во приватна сопственост.

Гробница меѓу Подмол и Бонче

Сè додека не се реши овој проблем, ние сме немоќни. Сметам дека од страна на државата мора да се донесат дополнителни подзаконски решенија, со цел културното археолошко наследство да може да добие вистинска можност да биде презентирано во полн сјај“, истакнува за крај Темелкоски.






6 views

Comments


bottom of page