top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Архангел“ – музика што не кокетира, туку директно удира

Песни што ме тераат да играм

Конечно, на крајот на 1980-тите, Македонија доби една чиста полнокрвна квалитетна архетип рок-група, чии песни остануваат и во срце и во душа. Се појавија во 1989 г., под лидерство на Ристо Вртев, кој во себе имаше раскошен талент и за хармонија, и за момент, и за текст. Првиот албум, едноставно наречен „Архангел“, е издаден во 1991 г., за независната куќа „Хаос“. Само распадот на СФРЈ го попречи „Архангел“ да влезе во првата петорка на тогашната југословенска сцена. Критиката е воодушевена, некои реномирани критичари го вбројуваат како најдобар албум во последните неколку години на тие простори. Требаше да тргнат на турнеја по СФРЈ, но почна војната. Кај нас вистински хитови станаа „Архангел“ и „Ладно оружје“. Две години подоцна го издаваат за МРТ вториот албум, „Архангел 2“, и со тоа го издаваат најквалитетниот албум досега на македонската сцена и пошироко. Текстови што пленат со убавина и моќ, музика што не кокетира туку директно те удира, иако на моменти изгледа како да ќе се распадне целата песна, во заднина доаѓа нова хармонија, нов акорд што те движи напред и гледаш (чувствуваш) дека тоа намерно е направено така. Феноменално, одлика на големите мајстори на музиката. Огромен дел од песните е авторско дело на Вртев, некои се обработки, а сето тоа со огромна помош на другите членови, особено на гитаристот Драган Гиновски. Од овој албум секоја песна е посебен свет, посебна приказна, посебен хит, а концертите се неверојатни. Издадоа регуларно уште два албума, „Heart Core“ во 1998 г. и „Небеска машина“ во 2003 г. Фантастични албуми, не на нивото на „Архангел 2“, но сепак далеку над сѐ друго што се издаваше кај нас, и прекинаа. Повремено ќе направеа концерт, ќе издадеа концертен албум, некоја песна, и тоа е тоа. И тоа е најголемата недоследност на „Архангел“, поточно на Ристо Вртев. Кога конечно најдовме автор на ниво на еден Цане, Џони, Рундек и од кого очекувавме дека ќе ги потопи сите, дека ќе биде предводник на македонскиот рок и ќе ја однесе Македонија на главната меѓународна сцена, тој престана или намали да твори. Го разбирам, можеби како Џони изгоре, се потроши, немаше што да каже, но Џони создаде наследници, а Ристо не. Немавме нов лидер што ќе го покрие Ристо, кој ќе го продолжи неговиот пат. И сѐ уште е така. Но, како и да е, огромен, најголем македонски бенд и бранд, со огромен не докрај искористен потенцијал, сакан од масите, песни со текстови тотално реални. Мислам, како да не ги сакаш и почитуваш луѓето што ги создале или обработиле „Чудесен свет“, „Зборови волшебни“, „1.000.000 долари“, „Нова вера, нова библија“, „Uber Macedonishe“, „Heart Core“, „Вина невина“… Да се надеваме дека приказната сѐ уште не е завршена.

Eдна приказна. Во 1990-тите работев една година во Дојран, во казино, како крупие, таму и живеев во хотел. Си ги одработував часовите, од 20 до 5 ч., речиси секој ден. Другото време со вокмен шетав по брегот, слушајќи ги претежно „Хаустор“ и нормално „Архангел“. Напамет ги знаев сите песни. Казиното беше големо и во најголемиот метеж можеше да собере околу 300 играчи, од кои 99,9 отсто Грци. Тие се едни од најголемите коцкари во светот и секој Грк што имаше пари можеше да игра. Мики Мали и Тоше Велес беа директори или делумно газди на казиното. Во тоа казино се пушташе музика, и тоа претежно грчка, и свиреа и пееја некои оперски пејачи, жени свиреа на харфи, се играше танго. Жив гламур. Еден ден Мики Мали нѐ свикува неколку луѓе и ни вели: „Вечер секој од вас да пушти по една песна по ваш избор, само да не е патриотска“. Океј. Доага ноќта, слушам овој пуштил „Шугархил генг“, оној Хулио. Никој од коцкарите не реагира, не ја ни забележува музиката. Си живеат во свој свет. Доаѓа мојот ред. Го пуштам „Архангел“ и песната „Зборови волшебни“. Одеднаш молк, само „Архангел“ се слуша, нема викање, ледена тишина, како некој да ги заледил. Преполно казино, со околу 300 коцкари, а како да нема никој. Сите тие коцкари, кои се како зомби, не гледаат ништо друго освен црвено-црно, кои којзнае како дошле до пари, кои се како маѓепсани, залудени по коцката, ненаспани, кога ја пуштив мојата песна прекинаа. Како да ги удри молња. Застанаа, ги спуштија жетоните на маса и некои три-четири минути, додека траеше песната, хибернираа, уживаа, ги отвораа устите тивко пеејќи. А што пееја, не знам, затоа што верувам дека никој од нив не ни чул за „Архангел“. Тоа беше таа неверојатната моќ на музиката на „Архангел“. Во еден момент се отвори полето што ги спои сите нив, како некоја невидлива сила да ги синхронизира сите нив, спојувајќи ги нештата во величествен момент на нирвана. Откога заврши песната, играчите како да се разбудија од сонот и продолжија да играат како и претходно. Неколку Грци коцкари дојдоа да ме прашаат дали може да им ја преснимам песната на касета. Им ја преснимив и истата вечер им ја дадов. Веројатно сакаа повторно да го доловат оној неверојатен момент, оној неверојатен тригер што го почувствуваа, слушајќи ги „Архангел“ кога сите беа како едно.


1 view

Comments


bottom of page