„Арт-поинт Гумно“ завршува со ретроспективна изложба
Денеска, во 19 часот, во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе биде отворена ретроспективната изложба на документарни фотографии изработени од претставниците на реномираната Либеречка школа за фотографија (ЛШФ) од Чешка.
– Соработката со Либеречката школа за фотографија од Чешка е меѓу позначајните меѓународни соработки што „Арт-поинт Гумно“ ги реализира во изминативе 20 години. Професорите и одбрани студенти од оваа школа, досега, во два наврата, реализираа престој во креативниот центар во Слоештица. Во 2018 година девет фотографи работеа на илустрација на песната „Можев да ти бидам“ (Пофалба на Демир Хисар) од Петре М. Андреевски, а во 2021 година петмина претставници на школата работеа на темата „Везилка“, во чест на стогодишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески. Годинава во фокусот на деветтемина чешки фотографи е македонското село – велат Ирена и Сергеј Андреевски, домаќини на колонијата.
Во просторот на прилепската библиотека публиката ќе има можност да види 17 фотографии на кои буквално е отсликано секојдневието на демирхисарските села. На изложбата ќе биде изложено и платното „Фотографот од Либерец“ што Сергеј Андреевски го наслика во чест на фотографите од Либерец.
Comments