АРТ ПОИНТ – ГУМНО гостува во МКЦ – Скопје
Големата ретроспективна изложба на дела од постојаната колекција на АРТ ПОИНТ – ГУМНО од село Слоештица, Демир Хисар, што летово беше поставена во преубавиот Офицерски дом во Битола, доаѓа и во Скопје. Од 22 ноември до 2 декември скопјани ќе може да се запознаат со дел од извонредното уметничко богатство на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој од село Слоештица – 65 слики, скулптури и фотографии на уметници, претставници од неколку континенти од 20 земји од светот. Оваа поставка ќе биде завршен од низата настани со кои годинава центарот го чествувше 20-годишното постоење. АРТ ПОИНТ – ГУМНО е визионерска рожба на семејството Андреевски. Од 2003 до денес на креативното гумно во селото Слоештица продефилираа ни помалку ни повеќе – 80 врвни уметници од целиот свет. Организаторите изјавуваат дека „не случајно завршниот настан по повод 20-годишниот јубилеј ќе биде токму во Младинскиот културен центар, МКЦ – Скопје. Имено, една од заложбите на АРТ ПОИНТ – ГУМНО е да ги поддржи токму младите, талентирани творци, оние што се наоѓаат на почетоците од своите кариери. Така, на изложбата, меѓу другите, ќе бидат изложени и дела од 20-ина млади уметници, некои од нив денес се веќе етаблирани автори“. Свеченото отворање на изложбата во МКЦ ќе биде в среда, 22 ноември, со почеток во 20 часот. За активностите на уметничкото гумно ќе говори младата македонска писателка, уредник и преведувач Јулијана Величковска, која вели дека секоја посета на ова единствено гумно ја доживува како празник. Проектот е делумно поддржан од македонското Министерство за култура, а оваа изложба се реализира во соработка со МКЦ – Скопје.
Comments