Аргентинскиот фудбалски тренинг-центар именуван по Меси
Тренинг-центарот на аргентинската фудбалска репрезентација во Буенос Аирес го доби името по фудбалерот Лионел Меси, соопшти Фудбалскиот сојуз на Аргентина (АФА), пренесува „Дејли мејл“.
Тренинг-центарот „Каса де Езеиза“ во Буенос Аирес отсега се вика „Лионел Меси“, по играчот на француски ПСЖ и капитен на аргентинската репрезентација Лионел Меси.
Во минатата година на Светското првенство (СП) во Катар, Аргентина по 36 години ја освои титулата светски шампион (сега има вкупно три), откако во финалето ја совлада Франција, по подоброто изведување пенали.
– Се чувствувам многу среќно. Ова ми претставува многу посебна чест – рече Меси откако ја откри плочата на која беше напишано неговото име.
Меси пред неколку дена го постигна 800-от гол во својата сениорска кариера, во победата со 2-0 против репрезентацијата на Панама. Тоа беше и првиот натпревар на аргентинската репрезентација пред домашната публика по освојувањето на титулата на Светското првенство во Катар во минатата година. Г.И.
Comments