top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Аргентина сo Меси најатрактивна за навивачите

ФУДБАЛ – НА СП ВО КАТАР

Билетите за два натпреварa на Аргентина се најбарани меѓу навивачите на претстојното Светско првенство (СП) во Катар, изјави Насер ал-Катер, извршен директор на Организацискиот комитет (ОК). Станува збор за натпреварите на Аргентина во групата Ц, против Саудиска Арабија на 22 ноември и против големиот ривал Мексико на 26 ноември. Двата натпревара ќе се играат на стадионот „Лусаил“, кој е со капацитет од 80.000 места и на кој ќе се одигра и финалето на СП. Од ОК не ги кажаа бројките, но се знае дека билетите за натпреварот Аргентина – Мексико беа распродадени уште во првиот круг од онлајн продажбата на почетокот од годинава. Светската фудбалска федерација (ФИФА) неодамна соопшти дека досега се продадени 2,45 милиони билети за првото СП што ќе се одржи во арапска земја, прво на Блискиот Исток и наесен, а за кое Ал-Катер ветува дека ќе биде „голем карневал“. Аргентинците и Мексиканците се меѓу првите држави според купувањето билети за СП, заедно со Катар, САД, Англија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Франција, Бразил и Германија. Катарците соопштија и дека очекуваат околу 1,2 милион посетители за време на финалниот турнир со 32 нации, кој треба да започне на 20 ноември и да трае до 18 декември.

Саудиска Арабија, која копнено граничи со Катар, кој е богат со гас, исто така ги засилува напорите да привлече што повеќе туристи и најави дека ќе им понуди повеќекратни визи на навивачите што ќе одат на СП. Луѓето со картичка „хаја“, која е резервирана за тие што купиле билети за СП и ќе може да се користи при влез во Катар за време на турнирот, ќе можат електронски да аплицираат за визи. Носителите на виза ќе можат неколкупати да влегуваат и да излегуваат од Кралството додека им важи визата – објави Министерството на Саудиска Арабија на Твитер. Длабоко конзервативната Саудиска Арабија со децении беше затворена за посетители, сѐ до 2019 година, кога започна да издава туристички визи, како дел од обидите да ја зајакне својата економија, која е зависна од нафтата. Саудиските визи ќе почнат да важат 10 дена пред почетокот на СП или вкупно 60 дена. Со оглед на притисокот на посетителите врз Катар, авиокомпаниите „Саудија“, „Кувајт ервејс“, „Флајдубаи“ и „Оманер“ ќе имаат повеќе по 160 шатл-летови дневно за да ги однесат навивачите на еднодневните патувања за натпреварите. Катарските власти велат дека повеќе од 20.000 навивачи ќе можат да пристигнуваат секој ден со шатл-летови од околните земји од Персискиот Залив, од кои некои нудат и специјални хотелски пакети. И голем број Саудијци ќе ја минат границата со Катар, особено за мечот против Аргентина, за кој постои огромно интересирање.

Саудиска Арабија, Бахреин, ОАЕ и Египет ги прекинаа врските со Катар во јуни 2017 година, обвинувајќи го дека е близок со Иран и оти поддржува екстремистички групи, обвинувања, пак, кои Доха ги негираше. Дипломатската, трговската и транспортната блокада беа укинати дури во јануари 2021 година.

Л.Д.


2 views

Comments


bottom of page