Анџелина Џоли сподели писмо од млада Авганистанка во својата прва објава на Инстаграм
24.08.2021 Avgust Vtornik
Актерката Анџелина Џоли постојано истакнуваше дека е претпазлива во користењето на социјалните мрежи, па многумина беа изненадени што одлучи да отвори профил на Инстаграм. Таа беше поттикната да го стори тоа од моменталната ситуација во Авганистан, и сакаше да сподели со јавноста писмо од тинејџерка која изразува загриженост и страв за животот под талибанска власт. Џоли реши да стане глас на сите оние кои во моментов го немаат и посочи дека ќе ги споделува приказните на сите оние кои се борат за основни човекови права. Својата прва објава на социјалната мрежа ја направи со писмо што го доби од млада Авганистанка, а во кое таа го искажува својот страв од доаѓањето на талибанскиот режим на власт. „Пред да дојдат талибанците, одевме на училиште и работевме редовно … сите ние имавме права, бевме слободни да ги браниме нашите права. Но, сега кога тие пристигнаа, сите ние се плашиме од нив и мислиме дека сите наши соништа исчезнаа”, пишува во писмото од девојката чиј идентитет се чува во тајност, а информациите наведени во него се замаглени. Тинејџерката изразува страв за новата ситуација, особено во врска со продолжувањето на нејзиното школување, што го смета за невозможно во вакви околности. „Дваесет години подоцна, повторно ги губиме нашите права, нашите животи се внесени во темнина. Ја загубивме слободата и повторно станавме затвореници.“ Покрај тоа што го сподели писмото, Џоли искажува свои размислувања и потенцира дека нема намера да молчи за неправдите што се случуваат во овој дел од светот. „Бев на авганистанската граница две недели пред 11 септември каде што се сретнав со авганистански бегалци кои избегаа од талибанците. Тоа беше пред дваесет години. Болно е да се гледа како Авганистанците се преселуваат од стравот и неизвесноста што ја зафатија нивната земја. Да се потрошат толку многу време и пари, да се пролее крв и да се загубат животи… за да се случи ова, речиси е невозможно да се разбере“, пишува Џоли на крајот од објавата. Актерката посочи дека луѓето во Авганистан во моментов ја губат можноста да комуницираат преку социјалните мрежи, како и можноста за бесплатна комуникација. Токму тоа ја поттикна да отвори инстаграм-профил за да ги сподели приказните и гласовите на сите оние ширум светот кои се борат за своите основни човекови права. За кратко време, таа успешно собра повеќе од 7 милиони пријатели кои сакаат да ја следат во оваа мисија.
Comentarios