Анџелина Џоли го лансира „Ателје Џоли“ – бренд кој ветува многу повеќе мода
На стилот на Анџелина Џоли му се восхитуваат со години. Иако славната актерка наизменично избира минималистички и незабележителни парчиња, нејзината софистицираност и елеганција се вечна инспирација. Нема сомнеж дека Анџелина се разбира во мода, а сега реши знаењето да го спои со хуманитарна работа и да го лансира својот моден бренд, пишува „ТПортал“.
Анџелина Џоли се најде на насловните страници минатата недела кога беше објавено дека биографскиот филм за Марија Калас во режија на Пабло Ларин, во кој таа треба да глуми, ќе биде прикажан на Канскиот филмски фестивал. Но, како што пишува „Вог“, овој месец тоа не е нејзиниот најголем „бум“, туку фактот дека Анџелина Џоли лансира сопствен моден бренд.
Имено, актерката, режисерка и поранешен амбасадор на добра волја на Обединетите нации и специјален пратеник го лансира „Ателје Џоли“, нов наменски бренд, кој ќе ги користи отфрлените материјални резерви и способностите на „бегалците и другите талентирани, недоволно ценети групи, поставувајќи ги на достоинствени позиции, втемелени на нивната вештина“ .
Анџелина ја објави веста на својот Инстаграм профил, пишувајќи: „Денес започнувам нешто ново – колектив каде секој може да создава… Ателје Џоли е место за креативни луѓе кои соработуваат со вешто и разновидно семејство на стручни кројачи, креатори на шаблони и претприемачи од целиот свет. Ова произлегува од мојата благодарност и длабока почит кон многуте кројачи и производители со кои работев во текот на годините, мојата желба да користам висококвалитетни винтиџ и лесно достапни материјали, а исто така да бидам дел од движењето за поголемо негување на само- изразувањето“.
Инаку, Анџелина е позната по модниот минимализам и високата доза на софистицираност. Нејзините модни избори тежнеат кон монохроматски, минималистички, главно анонимни дизајни (освен аксесоарите), кои гарантираат дека приказната ќе се врти околу неа, а не околу модата што ја носи. И покрај тоа, нејзиниот личен стил е предмет на бројни написи и модни дискусии. Облеката што ја носи на аеродром, чевлите, кроп топовите, одличната колекција палта и безвременските чанти – сето тоа редовно го привлекува вниманието на милиони љубители на модата.
Неодамна, нејзините модни избори, како и оние на нејзините деца – тинејџери, ја истакнаа вредноста на повторното носење и рециклирање на старата облека. На премиерата на филмот „Вечни вистини“, нејзините ќерки Шајло и Захара носеа парчиња од архивата на нивната мајка.
Повеќе од 100 милиони тони текстилен отпад секоја година завршува на депониите. Се чини дека „Ателје Џоли“ е дизајнирано со цел да ја реши таа криза.
-Ќе можете да поправате или преработувате парчиња од вашата гардероба што сакате да ги оживеете, да го усовршите начинот на кој ви стојат, да вдахнете нов живот во она што можеби е фрлено и да создадете квалитетна облека од наследство со приватно значење – се наведува на веб-страницата на брендот.
Каква и да биде судбината на „Ателје Џоли“, факт е дека Анџелина Џоли е многу добро позиционирана во оваа област. Покрај актерството и режијата, таа помина две децении од животот работејќи за Агенцијата на ОН за бегалци, спроведувајќи повеќе од 60 теренски мисии, од кои последните беа во Јемен и Буркина Фасо, подигајќи ја свеста за луѓето кои се принудени да бегаат. Исто така, Џоли остро ја критикуваше неактивноста на владата, тврдејќи дека растот на раселените лица е „неодржлив и го надминува нивото кое можат да го поднесат меѓународните хуманитарни организации“.
Comments