Анчелоти потврди нова повреда на најмалерозниот играч во тимот: Во моментов е депримиран!
- Aleksandar Santovski
- Nov 10, 2023
- 2 min read
Карло Анчелоти ги потврди лошите вести кои ова попладне ги пренесоа најугледните мадридски медиуми „Марка“ и „АС“, а тоа е новата повреда на Арда Ѓулер.
Турчинот полека се претвора во најмалерозен играч на Реал Мадрид од стартот на сезоната и ова е трета повреда за него откако пристигна во „кралскиот клуб“, што прави неговото деби да биде повторно одложено.
Арда беше дел од тимот на последните два меча против Рајо Валјекано и Брага, но не доби шанса и остана на клупата за резерви, а ако првиот пат Анчелоти не сакаше да ризикува, вториот веќе не можел да смета на талентираниот Турчим.
– За жал точна е веста за Ѓулер. Тој се повреди на загревањето пред мечот со Брага. Не изгледаше ништо сериозно, но продолжи да го вознемирува во наредниве два дена и се направија тестови. Не станува збор за обновување на повредата, се работи за нова повреда, но не е сериозна. Тој е депримиран во овој момент, млад е и сака да игра и да се докаже. Повторно прави чекор назад, но не треба да очајува и сигурно ќе добие шанса.
– Тој направи операција на коленото и искуството ми кажува дека во такви ситуации, мускулатурата слабее. Знае да дојде до повреди на мускулите после такви операции и него му се случува токму тоа. Разбирам дека е разочаран и лут, но тој е многу млад и има светла иднина пред себе. Ова е само мускулен проблем, набрзо ќе се врати и ќе биде дел од тимот. Треба да остане мирен, ние му даваме поддршка и сета љубов која му е потребна, – изјави Анчелоти
Покрај Арда, Италијанецот на дербито со Валенсија кое се игра утре нема да може да смета и на Кепа, Себалјос, Чуамени, Милитао и Куртоа, како и на суспендираниот Ридигер.

Comments