top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Анчелоти: Го разбирам Чави, но јас најголемиот стрес го имав на друго место

31.01.2024 Januari Sreda

Карло Анчелоти го подготвува својот тим за утрешното мини-градско дерби против Хетафе, но пред гостувањето, беше јасно дека Италијанецот ќе добива прашања за најкоментираната тема во Шпанија.

Чави Ернандес најави заминување од Барселона по крајот на сезоната и нагласи дека е ментално „изгорен“ поради стресот и притисокот кој го прават јавноста и медиумите, а иако Карло Анчелоти добро го разбира својот далеку помлад колега, открива дека тој не доживеал нешто слично во Реал Мадрид.

Голема улога за тоа има и искуството и возраста, работи кои му овозможуваат на Карло да биде мирен и сталожен во оваа фаза од кариерата, нешто што сепак не било случај во почетоците.

– Очекував прашања на оваа тема. Ќе кажам само една работа и нема да правам споредби. Ние имаме фантастична работа, се работи со голем притисок, но тоа е нормално во фудбалот. Јас ги почитувам сите, ги почитувам нивните размислувања и зборови. Не зборувам само за Чави, за сите мои колеги. Јас ја сфаќам одлуката која ја донел Чави.

– Не можам да зборувам за него, можам да зборувам за себе. Најголем притисок и стрес го имав кога бев во Втората италијанска лига на стартот на мојата кариера. Не можев да се справам со стресот, па на мојот помошник му реков дека нема да стигнам да тренирам тимови до 2000-та година. Еве, сега сме 2024-та и се уште сум тука. Како што одминува времето, станувате поискусен и подобро се справувате со сите работи во фудбалот, вклучувајќи ги притисокот и стресот, – вели Анчелоти.


3 views

Comments


bottom of page