Античките споменици како материјално културно наследство
Знаменитостите на Македонија
Меѓу македонското материјално културно наследство античките споменици заземат видно место. Ова е особено евидентно во проектот „Корпус на камени споменици“ започнат во 2013 година при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“. Територијата на современата македонска држава во стариот век, во голема мера им припаѓала на Горна Македонија и Долна Македонија, како и на Источна Панонија. Во римскиот период оваа територија е дел од провинцијата Македонија. Од споменатиот период се откриени споменици во следниве антички македонски области – Дасаретија, Линкестида, Пајонија, Деуриопос и Орестида. Во конотација на античките споменици може да се споменат и оние што се откриени во Скопје и неговата околина, односно во римската провинција Мезија Супериор. Голем дел од античките споменици се објавени во „Corpus Signorum Imperii Romani“ – Тркалезна скулптура од страна на Вера Битракова-Грозданова и Александра Николоска. Во ова издание, односно во овој прв том се публикувани портрети и бисти, почесни женски статуи, почесни машки статуи, како и оклопни – војнички статуи.
Меѓу нив е и бистата на дете што беше откриена во 1995 година во Стоби, поточно на западната некропола. Конкретно станува збор за биста од ситнозрнест бел мермер, која е солидно зачувана. Откршени се носот, дел од устата и брадата, како и делови од ушните школки, особено на левото уво. Недостига парче од десниот агол од правоаголниот постамент на бистата, а мали откршени делови се забележуваат и на градите. Главата е заоблена, малку сплескана на темето, со високо и испакнато чело и проширена на темпоралниот дел. Лицето е овално, со полни образи и заоблена брада. Крупните очи се прецизно изведени, а косата е изведена со долги плитки засеци. Главата е поставена на низок врат што продолжува на мали рамена, а површината на бистата е полирана. Бистата е поткрепена со правоаголен држач, изделкан од истото парче мермер, кој на долната страна завршува со мал правоаголен дел за вглавување. Предната страна на држачот е профилирана со конкавни страни. Во правоаголно поле во релјеф е изведено легнато животно, за кое се верува дека е куче со крената опашка. Бистата потекнува од периодот на т.н. римските императори војници од третиот век од нашата ера. Д.Ст.
Вера Битракова-Грозданова – еминентна македонска професорка и научничка од областа на археологијата
Вера Битракова-Грозданова е македонска професорка и научничка од областа на археологијата и историјата на уметноста, членка на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Во 1972 ги завршува магистерските студии на Филозофскиот факултет во Загреб, на Отсекот за археологија, од областа на античката археологија. Во 1984 година на Филозофскиот факултет во Загреб го одбранува докторатот на темата „Спомениците од хеленистичкиот период на тлото на СР Македонија“, кај академик Дује Рендиќ-Миочевиќ. Од 1975 г. до пензионирањето е професорка на Филозофскиот факултет на Институтот за историја на уметноста и археологија. Ги предава предметите: Историја на уметноста на старите народи, Класична археологија и Античка археологија на Балканот. Таа е авторка на повеќе од 100 научни труда; учесничка е на многубројни меѓународни научни собири и добитничка е на повеќе научни и општествени признанија. Реализирала повеќе самостојни ископувања: во Охрид – на некропола на ул. Илинденска (1966), на поликонхалната црква на Плаошник (1964–1966), на базиликата кај Студенчишта (1968) на Кале – Самуилова тврдина, (1995/6, 2000), на тврдината и некрополата кај Дебој (2000); во Струга на некрополата и на Калето кај Делогожда (1979–1984, 2007), на базиликата кај Октиси – „Св. Никола“ (1990–1992), на некропола кај Октиси (1998), на базиликата кај Ташмаруништа – „Св. Мартинија“, (1999–2001), на некрополата кај Добовјани (1998); во Кратово: на наоѓалиштето Дупка (1988); во Преспа извршила истражувања на населбите кај Претор (1967), Крани (1990), Наколец (2002) и на островот Голем Град (1967, 1968, 1980–1984, 1992–1994, 1998–2008); во с. Октиси, римска печка (2008). Во периодот 1998–2002 година е членка на Одборот за возобновувањето на црквата „Св. Климент – Св. Пантелејмон“, како надзор за ископувањата и конзервацијата на архитектонските објекти и членка на Конкурсната комисијата за избор на архитектонскиот проект за реконструкцијата на светиот објект, а од 2007 година е научна раководителка на ископувањата на Плаошник и членка на Одборот за возобновување на „Светиклиментовиот универзитет“ на Плаошник во Охрид.
Истражувачки центар за културно наследство „Цветан Грозданов“
Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ e научна организациска единица на Македонската академија на науките и уметностите, формирана во 2014 година под раководство на академик Цветан Грозданов. Основна цел на Истражувачкиот центар е проучување на културното наследство на почвата на Македонија од античко време до времето на просветителството. Главна задача на Истражувачкиот центар е редовно издавање на меѓународното научно списание за културно наследство со Меѓународен редакциски одбор, а тоа е годишникот MONUMENTA, кој се стреми кон висок степен на фактор на влијание, релевантно списание со кое се врши размена со клучните регионални и светски центри. Соработници на Истражувачкиот центар се специјалисти и доктори на науки од земјава и од странство. Во рамките на програмата дополнително се печатат монографии за елитните споменици од Македонија, како и зборници од научни собири организирани од Истражувачкиот центар.
Comments