Антипатар – најверниот пријател на македонските кралеви Филип и Александар
Потеклото на Антипатар во историските извори не е доволно разјаснето, меѓутоа се верува дека потекнувал од стара благородничка македонска фамилија што им служела на македонските кралеви. Антипатар првпат во изворите се споменува во 342 година пред нашата ера кога Филип Втори го назначил за регент на Македонското Кралство, додека македонскиот крал во текот на три години војувал против тракиските племиња и Скитите, проширувајќи ја власта на Македонците сѐ до Хелеспонт. Назначувањето на Антипатар за регент укажува дека Филип имал голема доверба во него. По Битката кај Хајронеја, кога македонскиот крал ги поразил Хелените, Антипатар бил испратен како амбасадор во Атина и постигнал договор со Атињаните во име на македонскиот крал. Антипатар му бил голем пријател на младиот Александар, идниот крал познат како Александар Македонски или Александар Велики. По смртта, односно по атентатот на Филип, Антипатар заедно со Парменион (македонски благородник и војсководец) бил еден од главните поддржувачи на Александар и неговиот избор за крал. Во 334 година пред нашата ера, Александар заминува на Истокот со намера да ја покори Персиската Империја, а непосредно пред да замине го назначил Антипатар за регент на Македонското Кралство и стратег на Европа.
Антипатар ја имал најголемата доверба на младиот крал. По сѐ изгледа Антипатар поседувал големи административни и војнички способности, во спротивно немало да му биде доверена задачата да ги држи под контрола пространите територии во Европа во име на Александар. Во ова време биле ретки луѓето на кои можело да им се довери цело кралство. Очигледно е дека Антипатар бил еден од најверните приврзаници на македонската кралска династија. Додека Александар војувал на Истокот, една од најголемите опасности во Европа биле Спартанците, кои не се потчиниле на македонската власт. Спартанскиот крал Агис успеал да ја наметне својата власт над островот Крит и започнал да создава антимакедонска коалиција. Во 331 година пред нашата ера, Спартанците го нападнале градот Мегаполис, сојузник на Македонците. Антипатар успешно се соочил со овој предизвик. Во 330 година пред наша ера, македонската војска предводена од Антипатар го поразила спартанскиот крал. Во текот на 11 години, додека Александар војувал на Истокот, Антипатар успешно ја задржал контролата врз териториите во Европа и стабилноста на македонското кралство. По смртта на македонскиот крал Александар во Вавилон, Антипатар ја продолжил својата улога на чувар на Македонското Кралство. Имено, по смртта на Александар повеќе хеленски градови се побуниле против македонската власт и започнала Ламиската војна. Но Антипатар во 322 година пред нашата ера успеал да ги порази во Битката кај Кранон.
македонски војник
По задушувањето на хеленските востанија, кај Антипатар пристигнала веста дека Пердика се обидувал да ја наметне својата власт низ целата Македонска Империја и да ја собори македонската Аргеадска династија. Антипатар до крајот им останал верен на Аргеадите и започнал да се подготвува за војна против Пердика. Во 321 година пред нашата ера, Антипатар пристигнал со својата армија, меѓутоа Пердика веќе бил убиен. Истата година, Антипатар бил назначен за врховен регент на Македонската Империја, истовремено му била доделена Хелада и бил назначен за старател на Александар (синот на Александар Македонски). По враќањето во Македонија, Антипатар се разболел и регентството му го предал на Полиперхон, прескокнувајќи го својот син Касандар. Набргу потоа, Антипатар починал на 81-годишна возраст. Антипатар сѐ до својата смрт останал верен на Аргеадската династија, затоа не го назначил својот син Касандар, кој бил амбициозен и би се обидел да ја преземе кралската власт. Идните настани покажале дека Антипатар бил во право бидејќи неговиот син навистина ја презел власта и ја уништил Аргеадската династија.
Кованица на Александар Македонски, ковачница во Амфиполис, кована под Антипатар за Филип III Македонски, околу 322-320 п.н.е. Легендата „Кралот Александар“
Comments