„Антигона“ го отвора 19. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“
„Фестивалот обединува повеќе од 20 настани распоредени во две седмици и категоризирани во три категории. Првата се однесува на официјална селекција , односно натпреварувачкиот дел и трката по четирите интернационални награди. Вториот дел е придружна програма, во која исто така има претстави и имаме една изложба, едно предавање и две работилници. Карактеристично за ова издание е и тоа што повторно се враќаат тркалезните маси по претставите во официјалната селекција. Имаме и офф-програма со претставување на жири-комисијата и со изведба на нивни претстави во кои играат или се автори“, вели Сашо Димоски, директор на Велешкиот театар каде од 17. септември до 1. октомври ќе се одржува 19. издание на Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“
Деветнаесеттото издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, кое од 17 септември до 1 октомври ќе се одржува во Народниот театар „Ј.Х.К. Џинот“, во Велес, ќе биде отворено со претставата „Антигона“, според Софокле, во режија на Диего Де Бреа, а во продукција на „Београдско драмско позориште“ од Р Србија (20 ч.). Годинава програмата се одржува под мотото „Во нови слики“ и со дополнителни старо-нови содржини.
„Фестивалот, кој годинава целосно ќе се одржува во Велешкиот театар, обединува повеќе од дваесет настани распоредени во две седмици и категоризирани во три категории. Првата се однесува на официјална селекција , односно натпреварувачкиот дел и трката по четирите интернационални награди. Вториот дел е придружна програма кон главната селекција, во која исто така има претстави и имаме една изложба, едно предавање и две работилници. Карактеристично за ова издание е и тоа што повторно се враќаат тркалезните маси по претставите во официјалната селекција. Имаме и офф-програма со претставување на жири-комисијата и со изведба на нивни претстави во кои играат или се автори“, вели за весникот ВЕЧЕР, Сашо Димоски , директор на Велешкиот театар.
Официјалната селекција на 19. ИФАД „Стоби“ покрај „Антигона“, ја сочинуваат уште четири претстави. Во понеделник, на 19 септември, ќе се изведе претставата „Ифигенија“, според Еврипид, во режија на Зоран Ракочевиќ, настаната во копродукција меѓу „Корифеј театар“, ЦК „Колашин“ и ЦК „Бјело Поље“, сите од Р Црна Гора. Изведбата на претставата „Одисеј“ од Александар Секулов, според Хомер, режија на Диана Добрева, продукција на драмскиот театар „Н. О. Масалитинов“, од Пловдив, Р. Бугарија е на 24. септември. Народниот театар од Ниш, Р. Србија ќе ја изведе претставата „Еден Едип“, по авторски текст на А. Н. Роса, во режија на Југ Ѓорѓевиќ на 26 септември. Последен наслов во официјалната селекција е „Пандорината кутија: наследството на ќерката“ од Ришард Ниечим и „Медиа Артес“, која ќе биде изведена на 28 септември.
На 1 октомври, во чест на лауреатите, на сцената на Велешкиот театар свој настап ќе има Националната опера и балет, со изведбата на современата балетска претстава „Госпоѓиците од Авињон“, на музика на Калиопи, кореографија на Олга Панго и либрето на Сашо Димоски.
Сите претстави во официјална селекција започнуваат во 20 часот, а по нивните изведби ќе се одржат тркалезни маси.
Во рамките на придружната програма, пак, ќе бидат изведени претставите: „Популус“, во режија и кореографија на Филип Петковски, „Зад очите на Касандра“, во режија и кореографија на Адријана Данчевска, „И боговите јадат Тирамису“, според Ј. Овшианко, во режија на Софија Ристевска-Петрушева и „Ла Ла Ленд“, во концепт и реализација на Кала Каревски.
Првата работилница од придружната програма „Во потрага по Антигона“ е наменета за професионални актери, а ќе ја води режисерот Дејан Ангелов. Втората, со наслов „Рециклирани трагедии“ е наменета за ученици и ќе ја води драматургот Билјана Крајчевска. Во придружната програма е и изложбата на театарски фотографии насловена „Маски“ од Филип Цветковиќ, гостин од Р Србија.
Во рамките на фестивалот ќе биде промовирана и книгата „Нова античка драма II“, по примерот на минатогодишната книга собрани драмски текстови, настаната од официјалната селекција на фестивалот. Ќе биде проектиран и танцовиот филм „Дома“ во продукција на „Скопје Танц Театар“, а режисерката Диана Добрева ќе одржи предавање, насловено „Од Одисеја до Одисеј“.
За четирите интернационални награди: најдобра актерка, најдобар актер, најдобра режија и гран-при на фестивалот, ќе одлучува жири-комисијата во состав: Ѓорѓи Јолевски, актер, Билјана Драгичевиќ-Пројковска, актерка и Деан Дамјановски, театарски режисер. Селектор на фестивалот е Сашо Димоски. Во off-програмата на на фестивалот, тие ќе бидат претставени преку изведба на претставите „Последната лента на Крап“ (С.Бекет/Ѓ. Јолевски/Перипетија/МНТ), „Кармен“(М. Делибес/Д. Пројковски/ Драмски театар Скопје), монодрама на Билјана Драгичевиќ-Пројковска, како и тетарската инсталација за еден гледач „Херои 04:33“ (С. Димоски/ Д. Дамјановски/ НТ „Ј. Х. К. Џинот“, Велес).
Инаку, фестивалот годинава се одржува во Велешкиот театар, бедејќи Римскиот театар во Стоби, кој иако нуди посебна атмосфера соодветна за претставите, е небезбеден за публиката. Според надлежните од археолошкиот локалитет, тој е во фаза на конзервација, има порозни камења и може да биде оштетен. (Д.Т.)
Comentarios