Андријана Јаневска победи на натпревар на „ЗАДА рекордс“ во САД!
Андријана Јаневска го освои првото место на натпреварот организиран од „ЗАДА рекордс“ (САД), на кој се избираше најдобар пејач/пејачка од цел свет во изминатите неколку месеци.
-Уште во февруари месец оваа година, ми стигна мејл од продуцентот Норман Зада кој живее во Лос Анџелес, САД, и ми понуди да снимам песна која би ја испратила на натпревар организиран од „ЗАДА рекордс“. Идејата му беше да се дознае за талентирани пејачи од целиот свет. Ми даде неколку предлози, а јас ја одбрав песната Broken hearted me чиј оригинал го пее познатата канадска пејачка Ен Мареј (Anne Muray). Најнапред, во моето студио снимив инструментална верзија со пијано на која подоцна го снимив вокалот. Песната ја испеав од прва и му ја испратив на продуцентот. Беше воодушевен од емоцијата со која ја имав испеано песната и единствено ми даде сугестија да препеам 2-3 фрази чисто заради изговорот на англиски јазик. Сепак, откако препеав, иако изговорот беше речиси совршен, емоцијата на првата изведба беше многу помоќна, па двајцата решивме да ја оставиме таа верзија, без никакви преснимувања – ни рече Андријана Јаневска.
Фото: Приватна архива
Таа дополни дека на натпреварот учествувале пејачи од цел свет, а откако ја пратила песната, немала многу надеж дека ќе влезе во потесниот круг бидејќи, како што вели на светов постојат многу талентирани и добри пејачи.
– Поминаа неколку месеци кога повторно ми стигна мејл во кој беше објавено дека сум избрана во првите 10. Потоа следуваше финалната селекција. Одлучуваше тричлено жири, но гласавме и самите меѓу себе, се разбира без можност да гласаш за себеси. По неколку дена повторно видов мејл со наслов „Честитки“! (Congratulations) и не можев да поверувам што гледам. Жирито одлучило првото место да го делиме тројца: Американка, Италијанец и јас,. Решавачки биле гласовите на конкурентите-пејачи. За мене беше чест што сите кои ми беа конкуренти во финалето гласале за мене. Според договорот, би требало да снимаме нови песни кои ќе ги пласираме на светскиот пазар. Она што, сепак, најмногу ме израдува беше реакцијата на луѓето во Македонија. Добив стотици пораки со честитки и позитивни коментари. Тоа е доказ колку сме жедни за убави вести и сплотеност – го прокоментира Андријана Јаневска својот псоледен меѓународен успех. М.Т.
Comments