Андреа ја потсети Европа на Алиша Кис, но „Circles“ не ја придоби евровизиската публика
На европските љубители на „Евровизија“ им се допаднаа гласот и настапот на Андреа, која доби споредби со познатата американска пејачка Алиша Кис, веројатно и поради стајлингот, но не и песната со која се претстави Македонија во синоќешното полуфинале на континенталното натпреварување во Торино, судејќи според нивните коментари на Твитер. Тука можеби треба да се бараат и причините зошто Андреа Коевска не успеа да обезбеди пласман во саботното финале на „Евровизија“.
„Во гласот на Македонија има квалитет што навистина го сакам“, „Македонија ја нема најдобрата песна, но тој глас…“, „гледам дека Алиша Кишовски ја претставува Македонија годинава“, „Македонија всушност е навистина добра, има моќен глас“, „Македонија е неверојатна, вие само немате вкус“, „навистина ми се допаѓа Македонија, но ќе биде чудо ако се квалификува понатаму“, „Македонија не е за паметење, што е навистина штета бидејќи има навистина фин глас“, „ми се допаѓа сценскиот настап, но ова е најлошата песна на Евровизија годинава, нема шанси Македонија да се квалификува“, гласат дел од размислувањата на Европејците на Твитер, со што многумина пишуваат и оти Македонија била „ограбена“, сметајќи дека заслужила да се најде во финалето.
Треба да се истакне и дека обложувачниците и познавачите на „Евровизија“ не ѝ даваа големи изгледи на Македонија за успех. За едно вложено евро во обложувачниците за победа на Андреа во Торино се добиваа илјада, а Македонија имаше најмали изгледи за пласман во финалето од сите учесници на втората полуфинална вечер, со само девет отсто, според интернет-страницата „Јуровижн ворлд“.
Андреа доби пофалби од водителката на шоуто Лаура Паузини, како и од претставниците на финалистот Чешка на прес-конференцијата по полуфиналето.
– Ќе ни недостига Андреа, таа беше заедно со нас уште од забавите пред шоуто. Таа навистина е ѕвезда и ние сме горди на неа – кажаа чешките претставници на „Евровизија“, што наиде на благодарност од македонскиот евровизиски тим.
Годинашното учество на Македонија го одбележа и случајот со фрленото државно знаме од страна на Андреа на фотосесија во пресрет на полуфиналето, што предизвика жестоки реакции во македонската јавност, а привлече и големо внимание меѓу љубителите на „Евровизија“ на Стариот Континент. Коевска јавно се извини во два наврата, а Македонската Радио Телевизија (МРТ) ја разгледуваше можноста за повлекување на младата пејачка од Торино, но сепак, одлучи таа да настапи. МРТ соопшти дека дополнително ќе одлучи дали Македонија ќе учествува на „Евровизија“ в година.
#Eurovision Second Semi-Final: Press Conference #CzechRepublic • @WeAreDomi We will miss Andrea (North Macedonia), she has been on this journey with us since pre-parties. She is honestly a star, we are proud of her! She will make an impact in the world!
Comments