top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Андреа звучеше моќно, но трендовите и политиката си го прават своето во евровизискиот циркус

Updated: May 16, 2022

16.05.2022 Maj Ponedelnik

Рекоа за настапот на Македонија на „Евровизија“

Андреа беше самоуверена и звучеше моќно, претставувајќи ја Македонија достоинствено и во најдобро светло на „Евровизија“, по сѐ што доживеа деновиве, но не успеа да влезе во финалето на континенталниот музички избор поради тоа што песната можеби не беше баш евровизиска, како и поради секогаш присутните политички игри, како што истакнуваат влијателните имиња на македонската музичка сцена, коментирајќи вчерашниот го настап на Македонија во Торино.

Kомпозиторот и продуцент Александар Масевски, кој е автор на евровизиската песна „Circles“ напомена дека работата во изминате два месеца резултирала во издржан настап со сериозно квалитетна песна и искулучителен вокал.

Фото: Приватна архива

– Мислам дека ја претставивме Македонија достоинствено и во најдобро светло. Она на што работевме сите како тим последниве два месеца резултираше во културен и визуелно естетски издржан настап со сериозно квалитетна песна и исклучителен вокал. Тоа ни беше и целта бидејќи на сѐ што се случува околу „Евровизија“ и пласманите, играат улога и фактори на кои ние за жал не можеме да влијаеме. Сакам да се заблагодарам на целиот тим за ентузијазмот, вербата и позитивната енергија во текот на соработката, како и професионалниот однос во креирањето на комплетниот настап на кој се надевам дека секој Македонец беше горд – вели Масевски.

Тој упати благодарност и до македонскиот народ, за кој смета оти знае да прости и да го бодри својот претставник.

– Благодарам на македонскиот народ, на секој еден доблесен, вистински Македонец, кој знае да прости, го бодри и штити својот претставник во добро и зло и никогаш не заборава дека начинот на кој ги третираме сопствените претставници е генерална рефлексија на тоа како светот не третира нас и како нација и како држава – порача Масевски.

Музичарот, композитор и диригент Љупчо Мирковски кој беше шеф на евровизиската делегација на МРТ во 2013 година, смета оти песната е модерна, но не баш евровизиска.

Фото: Приватна архива

– Андреа на евровизиската сцена вчеравечер звучеше самоуверено, не пееше фалш и настапот беше коректен. По сѐ што доживеа деновиве, таа добро се држеше. Според она што претходно го слушнав, тоа беше и очекувано. Лично мене не ми се допаѓаат нападни интерпретации, со такво вибрато, но очигледно тоа е сега тренд во светот. Песната е модерна, но не е баш евровизиска, иако годинава речиси и не слушнавме такви рефрени, па токму затоа, лично очекував Андреа да влезе во финалето – објаснува Мирковски.

Новинарката и шефицата на евровизиската делагација на МРТ во 2007 година, м-р Татјана Гогоска, напоменува дека Македонија годинава имала музички и аранжмански одлична песна по изведбата на Калиопи пред точно 10 години.

Фото: Приватна архива

– Вчеравечер на евровизиската сцена во Торино, настапот на Андреа беше најдобар од сите досега што ги имала во однос на изведбата на песната. Според мене, годинава, по нумерата „Црно-бело“ со Калиопи пред точно 10 години, конечно имавме музички и аранжмански одлична песна. Андреа со своите вокални способности вчера го извлече максимумот, кој сепак не беше доволен песната да се доведе во целиот нејзин музички опсег. За текстот не сакам да коментирам, затоа што пеењето на англиски за мене е една од најголемите грешки што се прават, а е и потврдено низ евровизиските години. Но, иако е избор на песна, сепак, на „Евровизија“ се важни и сценските чинители и изгледот. За жал тоа Андреа го немаше: сама на сцена со стајлинг кој е за некое друго место, не можеше да остави впечаток – смета Гогоска.

Нина Јанева Николовски, пејачка, придружен вокал на Есма и Лозано на „Евровизија 2013“

Фото: Приватна архива

– Годинешниот избор за „Песна на Евровизија“ исто како и сите претходни излезе на моменти здодевен и неинвентивен, а на моменти наликуваше на циркус. Андреа имаше и повеќе од солидна изведба со оглед на целиот притисок од јавноста кои го носат нашите делегати секоја година. Нејзината емоција беше многу посилна од многу млаки перформанси. Настапот на толкава сцена е најголем предизвик за било кој изведувач. Андреа имаше моќна изведба и очи кои ја раскажуваат песната еднакво како зборовите. „Circles“ е одлична композиција, но политиката и трендовите си го прават своето.

Андреа на социјалните мрежи доби комплименти и од македонските колеги за нејзиниот настап.

– Андреа синоќа беше одлична, песната звучеше моќно, а Андреа изгледаше урбано, имаше одличен стајлинг ,за разлика од останатите. Заедно студиравме на Џез академијата и девојката е многу скормна, културна, воспитана, а за останатото никој од нас не е безгрешен. Особено кога си млад и неискусен. За браво сме тешки да кажеме, ама кога треба да се критикува ни нема рамни – пишува пејачката Елена Петреска.

Фото: Приватна архива

– Музичкиот новинар и радио-водител Мартин нагласи дека Андреа заслужува почит, исто како што заслужила да ја претставува Македонија на евровизиската сцена.

– Евровизија престанав да следам одамна, но оваа година ме заинтригира буката што се создаде за настапот на Андреа во Торино. Сабајлево го гледав нејзиниот настап во полуфиналето и морам да признаам дека ме изненади енергијата што ја внесе во изведбата на песната. Дали на некому му се допадна или не, композицијата е работа на личен вкус. Но дека Андреа заслужи да се качи на евровизиската сцена како претставник на Македонија – за мене нема дилема. Респект! – категоричен е Ивановски.









2 views

Kommentare


bottom of page