top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Англија конечно ја победи Германија

Англија ја совлада Германија со 2-0 во осминафиналето на Европското првенство (ЕП) 2020 на стадионот „Вембли“, во Лондон, пред 45.000 гледачи, првпат по финалето на Светското првенство (СП) 1966 година и по претходните три средби без победа на официјален меч на домашен терен. Ова беше прв натпревар во нокаут-фазата на ЕП што го добива Англија без изведување пенали по победата во мечот за третото место над Советскиот Сојуз на ЕП 1968 година.

– Многу сум задоволен. Играчите беа извонредни, целиот тим исто така, како и атмосферата на „Вембли“. Одигравме извонредно против Германија, но се исцрпивме многу, емоционално и физички. Ова е опасна ситуација за нас. Чувството во земјата е дека треба само да се излезе на терен за да ја освоиме титулата, но нѐ чекаат огромни предизвици. Играчите се „на земја“, се чувствуваат сигурно поради начинот на кој играат, но сѐ уште ништо не сме постигнале – изјави селекторот на Англија, Герет Саутгејт, кој пред 25 години го промаши решавачкиот пенал во полуфиналето против Германија, на ЕП 1966.

За Јоаким Лев ова беше последен натпревар како селектор на Германија по 15 години и блескавата кариера, на која круна беше титулата на СП 2014 година во Бразил. Тој се повлекува и ќе му го отстапи местото на Ханси Флик, доскорешниот тренер на Баерн Минхен.

– Ова е големо разочарување за сите нас. Се надевавме дека ќе постигнеме многу повеќе на овој турнир и вербата во овој тим беше голема. На вакви натпревари, императив е да ги искористите неколкуте шанси. Тимо Вернер и Томас Милер, за жал, не ги реализираа своите шанси и јас се чувствувам мошне лошо бидејќи сме елиминирани – изјави Лев.

Англичаните може да се пофалат со фактот дека се втората репрезентација во историјата на ЕП што не примила гол на првите четири натпревари на завршниот турнир, по Германија на ЕП 2016 година.

Рахим Стерлинг, стрелецот на првиот гол, има дадено 15 погодоци на последните 20 настапи во сите натпреварувања за Англија, откако претходно на 27 натпревари не даде гол! Хари Кејн, кој го даде вториот гол, стигна до бројката од 30 гола за Англија под водство на Саутгејт. Само Гери Линекер има постигнато повеќе голови под водство на еден селектор (35 под водство на Боби Робсон). Кејн се израмни со Вејн Руни со головите постигнати на големите турнири, на СП и на ЕП, за Англија (7). Поефикасни од него се само Линекер (10) и Алан Ширер (9).


2 views

Comments


bottom of page