Ангеловски: ПСЖ ни доаѓа во вистински момент, ова треба да биде празник на ракометот!
13.02.2024 februari Vtornik
Еурофарм Пелистер им се враќа на обврските во Лигата на шампионите и тоа против Пари Сен Жермен кого утре ќе го пречека во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
Ова е пресметка во која македонскиот првак не може ништо да загуби, средба која е можност да се прикаже во најдобро светло против една од најквалитетните екипи на стариот континент
-Во среда треба да биде празник на ракометот во нашиот град. Доаѓа една од најдобрите екипи, со најдобрите ракометари и не можевме да посакаме подобар тајминг, по успехот на Европското првенство. Мило ми е што доаѓа еден Никола Карабатиќ во последната играчка сезона.
-Секоја сезона во Лигата на шампионите е поинтересна и појака, а ПСЖ секогаш е еден од фаворитите за освојување на пехарот. Ќе атакува за пласман на завршниот турнир, а таму сите екипи имаат шанса за пехар од 25 проценти, секој тим се гледа како можен освојувач. Имаат одлична екипа, со брза транзиција, брза полуконтра и организиран брз центар. Имаат играчи од светска класа на сите позиции и ќе ми биде задоволство да се натпреваруваме со такви величини на играчи и тренери, -истакна тренерот Бранко Ангеловски и додаде:
-Имавме тежок распоред, во три дена играме два важни натпревари. Секој натпревар со Вардар е тежок и има своја историја. Веднаш по Европското првенство, за десетина дена не е лесно да се подготвиш. Употребувавме некои работи кои ќе ги користиме и против ПСЖ, моравме да ја спремиме тактика за двата натпревари.
-ПСЖ ни доаѓа во вистински момент по победата над Вардар. Самото име Вардар за нас има огрома тежина, клуб кој освои две европски титули. Со помош на исполнетата сала и навивачите, ќе имаме „ветер во грб“, и верувам дека ќе ги повториме игрите од последните два-три натпревари во Лигата на шампионите“, -заклучи предводникот на битолчани.
Мечот се игра од терминот 18:45 часот.
Comments