Анастасија Недељковска вклучена во Стрип фестивал во Романија
Во организација на Историскиот музеј од Брашов, Романија од 11 до 13 август во истиот град се одржува Меѓународен стрип салон на историски стрип. Врз основа на соработката започната преку проектот „Can for Balkan“, со свои стрипови учествуваат повеќе македонски автори. Во големата конкуренција стрипот на Анастасија Недељковска од Куманово е избран да биде изложен, како и да влезе во официјалниот каталог. Анастасија има 18 години, родена е на 17.04.2005 година Куманово, Македонија, а учи во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје. Активно учествува на стрип натпревари и изложби од 2019 година. Како што извести Томе Трајков-програм координатор на Стрип центар на Македонија со седиште во Велес, историскиот стрип е доста развиен и како тема популарен во Романија, со свој континуитет. За оваа година беше објавен мегународен конкурс за контрафактуален стрип, што може да се преведе како испревртена историја или слободно речено, „што би било кога би било“. Меѓутоа, изложбата од меѓународниот стрип конкурс не е единствена активност од овој стрип фестивал. Напротив, агендата е исполнета со бројни едукативни работилници, промоции, придружни активности.
Comments