top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Анализата на податоците има сѐ поголем удел во трансферите

ФУДБАЛ – ЗИМСКИ ПРЕОДЕН РОК

Головите прават чуда при одредувањето на вредноста на напаѓачот, но во јануарскиот фудбалски преоден рок што е во тек можеби побаран ќе биде вредниот и неуморен играч од средниот ред, бидејќи анализата на статистичките податоци станува сѐ поодлучувачки фактор во купувањето играчи, пишува во статијата на агенцијата „Франс прес“ (АФП). Ливерпул е познат по тоа што се потпира врз статистичките податоци кога сака да се активира на трансфер-пазарот, бидејќи работи со помал буџет од ривалите за титулата во Премиер-лигата, Манчестер сити и Челси, пишува АФП. Но не само клубовите туку и играчите користат такви податоци. Таков беше случајот лани кога Кевин де Брујне го продолжуваше договорот со Сити. Користејќи статистички податоци белгискиот играч од средниот ред му покажа на Сити дека не само што вреди да му се продолжи договорот туку и дека е нивниот највлијателен играч. Со тоа тој си обезбеди и поголема плата, пишува АФП. Областа во која многу компании се борат да доставуваат такви податоци до клубовите низ светот станува висококонкурентен сектор. Лани во март „Статсбомб 360“ стана официјален доставувач на Ливерпул со такви податоци, а италијанската компанија „Сокермент“ е уште еден брзорастечки играч на ова поле. Алдо Коми, коосновачот на „Сокермент“ во 2019-та, кој е обврзан со доверливост во однос на активностите на неговите клиенти, за АФП изјави дека видел празен простор на пазарот што може да се искористи.

– Можев да видам дека главните адути во фудбалот, играчите, беа погрешно проценувани. Исто како што користите податоци за да донесувате подобри одлуки во кој било друг сектор, така и ние видовме можност да користиме аналитика на податоци за да им помогнеме на клубовите да искористат некои нефункционалности што се својствени за фудбалскиот пазар – вели Коми. Коми, кој е поранешен финансиер на Сити, вели и дека некои клубови се покажале вешти во „надмудрувањето“ на пазарот. – Видовме дека некои клубови тоа го прават исклучително добро, Брентфорд е одличен пример за клуб што податоците ги направи основа на нивното ангажирање играчи. Предизвикот за остатокот од Европа е да фатат приклучок. Клубовите во Италија и од Шпанија уште заостануваат и си ускратуваат значајна конкурентска предност – вели Коми. Податоците, обезбедени од „ОптаСтатс“ и потоа внесени во алгоритмите на „Сокермент“, се неверојатни и во својата длабочина и во својот дострел, бидејќи ги опфаќаат и пониските лиги во Европа. Коми вели дека предноста на клубовите од тоа што имаат длабински податоци е значителната заштеда што можат да ја направат со тоа што не мора да ангажираат група скаути за да ги утврдат цените или „скриените скапоцени камења“ во пониските лиги. – Со користењето податоци, целиот процес станува попаметен, побрз и поевтин. Проблемот е што во пониските лиги немате статистика, уште нема комплетни решенија за собирање податоци за перформансите на играчите. Тоа е местото каде што ние влегуваме. Развиваме иновативни решенија за автоматизирање на собирањето податоци и интуитивни интерфејси за подобро разбирање на податоците, така што „научникот“ што не е запознаен со податоците ќе може да извлече остроумен заклучок при донесувањето одлуки – вели Коми. Тој рече дека неговите операции се „малку поразлични“ од другите компании што собираат податоци, бидејќи „нашата визија отсекогаш била да најдеме начин да го подобриме користењето на податоците на секое ниво на фудбалската пирамида“. За таа цел, тие развиле штитници опремени со сензори што овозможуваат да се одреди широк опсег на податоци.

– Тие имаат потенцијал целосно да ја променат достапноста на анализата на податоци низ фудбалскиот свет. Тие следат сѐ, од додавања, нафрлувања и обиди за удари, до тактичката ефикасност на тимот на теренот – вели Коми. Тој е сигурен дека таквите податоци може да ги трансформираат тимовите што претходно немале пристап до нив. – Многу тимови, вклучувајќи и клубови од пониските лиги и некои врвни женски тимови, уште имаат пристап само до најрудиментираните податоци. Сакавме да развиеме алатка што ќе обезбеди сите овие тимови подобро да разберат што прават добро, што не толку добро, и надвор од она што човечкото око субјективно го гледа – вели Коми.


2 views

Comments


bottom of page