top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Анадолу Ефес ја одбрани титулата

КОШАРКА – ЕВРОЛИГА

По девет години, еден клуб успеа да ја одбрани шампионската титула во кошаркарската Евролига, откако по Олимпијакос тоа го оствари Анадолу Ефес, кој, предводен од тренерот Ергин Атаман, вторпат во низа и во клупската историја ја освои европската круна, со што, наедно, е и прв клуб од Турција со две европски титули. Во финалниот дуел, во неизвесен меч, Анадолу Ефес го совлада шпанскиот Реал Мадрид со 58-57. Кај Анадолу Ефес прв стрелец, со 23 поени, беше Србинот Василије Мициќ, а кај Реал, Валтер Таварес беше најефикасен со 14 поени. Мициќ стана само четврти кошаркар во историјата на Евролигата (сметајќи го и поранешниот Куп на европски шампиони) што две години во низа е прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) на завршниот турнир на сезоната (тој ја освои наградата во минатата година, на фајналфор-турнирот во Келн). Пред него тоа им успеало и на Тони Кукоч (со КК Сплит во 1990 и во 1991 година), Дејан Бодирога (со Панатинаикос и со Барселона во 2002 и во 2003 година) и на Василис Спанулис (со Олимпијакос во 2012 и во 2013 година). Во полуфиналните дуели на годинашната Евролига, Анадолу Ефес го победи Олимпијакос со 77-74, а Реал Мадрид (најтрофеен клуб во натпреварувањето, со 10 европски титули) ја совлада Барселона со 84-83. Третото место ѝ припадна на Барселона, која во мечот за бронзениот медал го победи Олимпијакос со 84-74.


1 view

Comments


bottom of page