top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Ана Каренина“ на Пројковски освои вкупно 18 награди досега

Претставата на Новосадскиот театар, „Ана Каренина“, на македонскиот режисер Дејан Пројковски, досега освои дури 18 награди на фестивали во земјата и во странство, а премиерата на претставата се одржа во октомври 2019 година. Таа деновиве доби дури седум награди на Фестивалот во едно дејствие во Младеновац, каде што и од стручното жири и од публиката беше прогласена за најдобра претстава. Меѓу последните награди се и оние од Врање, на 41. „Борини денови на театарот“. Жирито на фестивалот, кое го сочинуваа режисерот Владимир Лазиќ, актерката Милена Павловиќ и театрологот Зоран Максимовиќ, ја прогласи „Ана Каренина“ за најдобра претстава во целина. Марта Береш ја доби наградата за најдобра женска улога, а Арпад Месарош за најдобра машка улога. Дополнително, претставата беше прогласена за најдобра од неформалното жири, составено од новинари од ОК радио, порталот „Врање њуз“ и „Данас“. Ова жири ѝ ја додели на Марта Береш и наградата за најдобар женски лик. Така, „Ана Каренина“ влезе во редот на најнаградуваните претстави на Новосадскиот театар, покрај познатите театарски остварувања на „Неопланта“, „Опера Ултима“ и „Гробница за Борис Давидович“. – Интересно беше бидејќи на овој фестивал во конкуренција беше и претставата „Вирџинија Вулф“ со Раде Шербеџија и победничката претстава од годинашното Стеријно позорје. Наградите што ги освоивме се единствените две што се доделуваат на фестивалот – вели Пројковски.

„Ана Каренина“ беше премиерно изведена во октомври 2019 година и оттогаш, и покрај вонредната ситуација и прекините со работа на театрите, бележи извонредни успеси во Србија, но и пошироко, како што велат од театарот. Претставата, премиерно изведена во Нови Сад, во режија на македонскиот театарски режисер Дејан Пројковски, претходно беше рангирана во најдобрите пет претстави во театарската сезона 2019/2020, според процената на порталот „Едит култура во Белград“. Претставата е работена по култниот роман на Лав Николаевич Толстој, а премиерата се одржа на 29 октомври 2019 година. Кореографка е Олга Панго, музиката е на Горан Трајкоски, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографка е Марија Папучевска. Играат: Марта Береш, Атила Немет, Арпад Бучер, Золтан Сирмер, Џудит Ласло, Габор Понго, Бланка Диенеш, Агота Ференц, Роберт О’Швар, Ливиа Банка, Терезија Фигура, Мартин Бохоки и др. – Претставата е конзистентна на романот, од кој Пројковски ги обработува клучните сцени, меѓутоа не прави премногу интервенција врз самиот текст – дијалозите претежно се пренесени од романот. Самата режија е речиси филмска, темпото на промена на сцените е брзо и можеби затоа гледањето на претставата ве опива. Сепак, Пројковски користи костими со модерни елементи, а во големите групни сцени (на пример, сцената со балот) имаме танцови секвенци придружени од електронска музика. Целата поставка е комбинација од класични елементи на сцената и костимите, современи во другите аспекти (музиката и глумата), така што се добива еден вид „поп Ана Каренина“ – се вели во образложението, во кое е пофалена и глумата на фантастичната Марта Береш како Ана, како и другите актерски остварувања. „Ана Каренина“ на Пројковски беше првата премиера во 46-та сезона на Новосадскиот театар.


2 views

Commenti


bottom of page