„Ана Каренина“ на Пројковски апсолутен победник на фестивалот „Театарска пролет“ во Шабац, Србија
Updated: Apr 19, 2022
18.04.2022 April Ponedelnik
Претставата „Ана Каренина“ според романот на Толстој, во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски, а во продукција на Новосадскиот театар (Новосадското народно позориште), е прогласен за апсолутен победник на годинешниов фестивал „Театарска пролет“ во Шабац, Србија.
Ова е и последна во низата од 22 награди кои овој театарски продукт на Пројковскиво, ги доби во последните две години во Србија и пошироко.
“Ана Каренина“ својата премиера ја имаше во ноември 2019 година, а ги понесе наградите на сите релевантни фестивали во Србија како што се фестивалот на професионални театри на Војводина, „Тврѓава“ фестивал, на фестивалот „Борини театарски денови“ во Врање…
Претставата на Пројковски, кој е еден од најнаградуваните и најпродуктивните македонски театарски режисери на Балканот, освен што е прогласена за најдобра во целина, доби и награда за најдобра режија. За најдобар актер е прогласен Арпад Месарош, кој го толкува ликот на Алексеј Вронски, додека наградата за најдобра актерка ја доби Тимеа Филеп која во претставата „Ана Каренина“ го толкува главниот лик.
За наградите одлучуваше жири во состав Зијах Соколовиќ, Слаѓана Килибарда и Ирфан Менсур, а „Ана Каренина“, победи во конкуренција на претставите, меѓу кои и на „Ателје 212“ – Белград и Београдско народно позориште.
Со овие награди, „Ана Каренина“ е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште, а истовремено го вбројува македонскиот режисер Дејан Пројковски во редот на најзначајните театарски режисери на денешницата, не само во Македонија туку во целиот регион.
Comments