АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СП 2023
САД триумфираа во тимскиот паралелслалом
Репрезентацијата на САД го освои златниот медал во тимскиот паралелслалом на Светското првенство (СП) во алпско скијање, кое се одржува во француските скијачки центри, Куршевел и Мерибел. Американците што настапија, Нина О’Брајан, Ривер Радамус, Паула Молцан и Томи Форд, во финалето беа побрзи од норвешкиот тим, за кој настапија Кристин Лиздал, Александер Стен-Олсен, Луиза Теа Стјернесунд и Тимон Хауган. Бронзениот медал ѝ припадна на Канада, за која настапија Валери Грение, Џефри Рид, Брит Ричардсон и Ерик Рид. Тие во малото финале беа подобри од Јулија Шајб, Доминик Рашнер, Франциска Рич и Штефан Брејнстајнер, кои ги бранеа боите на Австрија. Вчера на СП се возеше паралел-трката. Г.И.
НХЛ-ЛИГА
Дербито за хокеарите на Бостон
Дербито на двете најдобри екипи од Истокот и Западот во НХЛ-лигата во хокеј на мраз, кое се одигра во Далас, му припадна на гостинскиот тим Бостон, но дури по продолжението со 3-2 (1-1, 0-1, 1-0, 1-0). Далас долго време имаше предност, но Чехот Павел Заха израмни за гостите, а во продолжението голот на неговиот сонародник Давид Пастрнак се покажа како одлучувачки. Каролина и понатаму е најблиску до Бостон, по триумфот над Вашингтон со 3-2 (1-1, 2-1, 0-0), а пресуди погодокот на Стефан Носен. Дури по изведувањето пенали, пак, Тампа Беј го победи Колорадо, со 4-3. Отава славеше против Њујорк, со 3-2, додека Винипег исто така со 3-2 триумфира на свој терен во дуелот со Сиетл. Питсбург не дозволи изненадување и славеше на гостувањето кај Сан Хозе, со 3-1. Најубедливата победа на денот ја постигна Сент Луис, кој на домашен терен ја совлада Флорида со 6-2. Во Источната конференција води Бостон, со 85 бода, пред Каролина со 78, додека во Западната конференција прв е Далас со 71, а втор Вегас со 68 бода. Г.И.
Comments