Алонсо ќе биде дел од Формула 1 и во 2022. година
26.08.2021 Avgust Cetvrtok
Фернандо Алонсо ќе биде дел од Формула 1 и во 2022-ра година, информација која денеска доби и официјална потврда откако одговорните лица на Аплин тимот открија дека е продолжен договорот со искусниот шампион.
Шпанскиот возач ќе се натпреварува во „најбрзиот циркус“ и на 41-годишна возраст, нешто што можеше да се насети по неговиот одличен старт по камбекот кој го направи по двегодишната пауза.
Својот најдобар настап од почетокот на оваа сезона го имаше пред неколку викенди во Унгарија, кога со своето спектакуларно возење и задржување на Хамилтон, направи неговиот тимски колега Окон да оствари прва историска победа.
– Фернандо Алонсо продолжува да ги брани нашите бои и во сезоната 2022-ра, заедно со Естебан Окон. Продолжувањето на договорот покажува дека прогресот е солиден, особено по историската прва победа која ја имавме во Унгарија, каде Фернандо одигра клучна улога.
– Во првите шест месеци по двегодишната пауза во Формула 1, Фернандо ја покажа истата страст и брзина на патеките. Неговото четврто место во Унгарија беше најдобар резултат од 2014-та година, но со тоа ни помогна да ја оствариме и првата победа во Формула 1, – гласи објавата на Алпин тимот.
Comments