Алкарас се откажа: Шансите ми се нула
Карлос Алкарас не е во посакуваниот ритам и форма и тоа се виде на вчерашниот меч против Роман Сафијулин каде доживеа неочекуван пораз во првиот меч на Мастерсот во Париз. Шпанецот загуби со 2-0 во сетови со 6:3 и 6:4, пораз кој го натера да се предаде, откаже од посакуваната цел, да ја заврши оваа календарска година на првото место на АТП листата. -По овој пораз немам повеќе опции, сите опции што ги имав да завршам како број еден на крајот од годината ги нема. Веќе не ни размислуваме за тоа, шансите ми се нула, -истакна Карлос. -Не се чувствував добро на теренот. Треба да подобрам многу работи. Не се движев добро. Мислам дека имав добар избор на удари, но треба физички да се подобрам во движењето, -додаде Шпанецот кој се надева дека ќе биде подобар на завршниот турнир во Торино. -Имам време пред завршниот турнир, многу денови да тренирам и да стигнам до нивото на кое сакам да бидам. Во моментов, не е вистинско време да се зборува за тоа. Ми треба време да размислам што да правам и што ќе правам. Има време до стартот на завршниот турнир, -заклучи вториот светски рекет.
Comments