Алкарас режираше одмазда, Синер го „спакува“ домашниот миленик
13.03.2024 Mart Sreda
Карлос Алкарас посака одмазда против Фабијан Марожан за поразот кој го претрпе од Унгарецот пред една година во Рим, а тоа што го најави, Шпанецот лесно и го оствари во осминафиналето на Индијан Велс.
Светскиот рекет број два мина како фурија во четвртата рунда и со идентични 6:3 и 6:3 не му даде никаква шанса на противникот, па веќе може да размислува за својот четвртфинален предизвик во калифорниската пустина.
За да биде уште поинтересно за него, во оваа фаза ќе игра против уште еден должник, односно против Саша Зверев од кого изгуби на последниот грен слем турнир во Австралија, каде беше неизмерно разочаран по лекцијата која ја доби во четвртфиналето.
На истиот дел од ждребот и натаму останува и Јаник Синер, кој рано утрово имаше мали проблеми против домашниот миленик Бен Шелтон, но сепак најде начин да го „спакува“ и да се пласира во четвртфиналето.
Италијанецот не знае за пораз во 2024-та година и победи со 7:6 и 6:1, па во следната фаза ќе игра против Чехот Лехечка.
コメント