Алкарас: Имав неколку тешки месеци, но се пронајдов себеси во Индијан Велс
18.03.2024 Mart Ponedelnik
Карлос Алкарас дојде до пехарот на Мастерсот во Индијан Велс и тоа откако во големото финале го суреди Данил Медведев со 2-0 во сетови.
На патот до овој резултат Шпанецот го совлада и Синер кој е во најдобра форма од сите тенисери, го доби и Зверев што доволно говори за настапот кој вториот светски рекет го имаше во калифорниската пустина.
-Тешко е се да се каже со зборови бидејќи имав навистина тешки неколку месеци. Да речеме дека последните два месеци ми беа многу тешки, пред се да се пронајдам себеси, не уживав да излегувам на теренот. Не бев вистинскиот јас на теренот во последните два или три месеци.
-Освојувањето на овој трофеј, на овој турнир, ми значи многу, пред се затоа што морав да надминам многу проблеми во главата, но и физички. Ова е посебно не затоа што не сум славел од Вимблдон, тоа не ми е важно, туку се работи за емоции, -рече Карлос и додаде:
-За мене не е толку важно дали ќе го освојам турнирот или не. Станува збор за уживање во тенис, кога излегувам на теренот, кога ја играм мојата игра. Тоа е единственото нешто што е важно. Затоа сум среќен поради овој трофеј, бидејќи се пронајдов себеси во Индијан Велс и сега се чувствувам навистина добро, -заклучи тенисерот од Мурсија.
Comments