Алкалоид промовираше четири засилувања за новата ракометна сезона
26.07.2024 juli Petok
Ракометниот клуб Алкалоид влегува во новата сезона со идентични амбиции, односно битка за домашните трофеи и квалитетно претставување во Европа, а во исполнувањето на истите ќе помогнат четири засилувања.
Тимот од „Автокоманда“ денеска ги започна подготовките под водство на тренерот Кире Лазаров, а беа промовирани и четирите нови имиња, кои ќе донесат освежување на различни позиции.
Марко Кизиќ ќе биде засилување на голманската позиција и доаѓа од редовите на актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, додека од Чешка во Македонија се враќа крилото Никола Костески, ракометар со солидно интернационално искуство и место во националниот тим.
„Унапредување“ доби младиот Михаил Иваноски кој се докажа во вториот тим Мулти Есенс и сезонава е прекомандуван во редовите на РК Алкалоид, каде ќе треба да продолжи со импресивниот развој во својата ракометна кариера.
Единствениот странски ракометар кој е дел од засилувањата е Португалецот Франсиско Оливеира Да Силва, среден бек кој досега настапувал во унгарскиот тим Егер.
Comentários