Александар Баланеску: Добро го познавам македонскиот фолклор, бил инспирација и за мојата музика
- Aleksandar Santovski
- Mar 11, 2022
- 3 min read
„Баланеску квартет“, еден од највозбудливите гудачки квартети на денешнината, по вторпат ќе настапи пред скопската публика, утревечер (11 март) во 20 часот во Филхармонија. Иновативен и прогресивен, „Баланеску квартет“ е состав кој засекогаш ги смени параметрите по кои претходно фунционираа класичните гудачки квартети, создавајќи препознатлив стил и нова музичка естетика. Од неговото формирање во 1987 година, „Баланеску квартет“ ужива репутација на еден од водечките состави за современа музика во светот.
„Концертот на ‘Баланеску квартет’ претставува огромна чест и задоволство, поради фактот што од отворањето на салата не сме имале настап на ваков исклучителнои познат и важен музички состав кој фигурира како еден од најпрогресивните на светската музика сцена. Ова е нивни втор настап во Скопје, првпат настапија пред 17 или 18 години, и сè уште носат незаборавни спомени од овој концерт“, рече на денешната прес-конференција Тина Иванова, директорка на Филхармонија најавувајќи го концертот на квартетот.
Фронтменот на квартетот, виолинистот Александар Баланеску, пак, истакна дека едвај чека да настапи и дека емотивно е врзан со македонската публика, која ја опиша како топла и непосредна. „Последниот концерт во Скопје беше многу одамна, но сè уште живо се сеќавам на него, тоа беше еден од најспецијалните настапи кои воопшто сме ги имале на светската музичка сцена. Не беше лесно да се организира повторна средба со македонската публика. Поради пандемијата еднаш го откажавме концертот, но, успеавме да договориме нов датум, и еве, сега сме тука, што претставува своевидна победа за мене“, рече Баланеску.
На концертот ќе свират фрагменти од еден од нивните најпознати и најпродавани албуми „Luminitza“, чиј наслов симболично сугерира на светлината која секогаш се гледа на крајот од тунелот, како парафраза на индивидуалниот импулс на Александар Баланеску, но и генерално како синтагма на своевиден позитивизам.
„Овој албум го напишав кога се вратив повторно во Романија, по 22 години пауза. Со моето семејството заминавме во времето на режимот на Чаушеску и немавме можност да ја посетиме нашата татковина повеќе од две децении. Кога се вратив во Романија, многу емотивно го доживеав тоа, повторно се поврзав со семејството, станав свесен за политичката промена која повторно ја врати надежта за иднината. Во моментов светот повторно се соочува со криза, тука е пандемијата, но и војната меѓу Русија и Украина. Мислам дека токму преку музиката и љубовта можеме да ги вратиме изгубените човечки вредности и само на тој начин можеме да најдеме сила да продолжиме понатаму“, истакна Баланеску.
Инспирација за создавањето на неговата музика се романскиот фолклор, но и традициите на другите земји во Европа. „Фоклортот е вечна инспирација за мене, зошто во него се сублимирани основните работи кои им се важни на луѓето. Тој претставува комбинација на радоста и страдањето. Го познавам добро и вашиот фолклор, и честопати бил инспирација за создавње на мојата музика“, додаде Баланеску.
Движечка сила на „Баланеску квартет“ е романскиот виолинист и композитор Александар Баланеску, кој бестрашно го води квартетот надвор од музичките граници во непознати територии. Оваа потрага по вечно поместување на границите, „Баланеску квартет“ го приближува повеќе до бенд, отколку до класична гудачка формација и го рефлектира пасионираниот став на Баланеску за интеркомуникација и флуидност меѓу различните музички сфери. Нивните проекти се инспирирале од традиционалната романска музика, од музиката на „Крафтверк“… Концертите на „Баланеску квартет“ се препознатливи по својата енергичност и динамичност, свиреле на контрастни сцени како њујоршката „Knitting Factory“, лондонскиот „Roundhouse“ до Линколн центарот и стадионот „Вембли“… Меѓу албумите со нивна авторска музика се издвојуваат „Possessed“, „Luminitza“ (инспириран од промените во источна Европа во 1989), „Angels and Insects“ (музика од истоимениот филм), „Maria T“ (омаж на познатата романска пејачка Марија Танасе), „This is the Balanescu Quartet“, „East meets East“…


Comments