Ал Пачино одбил улога што му донесе слава на Харисон Форд
Кога „Војна на ѕвездите: Епизода 4 – нова надеж“ се појави во 1977 година, веднаш стана културен феномен, при што актери како Марк Хамил и Кери Фишер станаа ѕвезди преку ноќ. Друго име во филмот што успеа енормно да ја зголеми својата слава е Харисон Форд, односно капетанот Хан Соло. Сепак, малкумина знаат дека ликот требало да го глуми ѕвездата на „Кум“, Ал Пачино. Џорџ Лукас му ја понудил улогата капетан на Милениумскиот сокол на Пачино. Меѓутоа, тој не бил заинтересиран. А сега, неколку децении потоа, Пачино вели дека Хан Соло, односно Форд, му должи благодарност. Оскаровецот се отвори за својата кариера на настан во културниот центар 92NY во Њујорк, каде што откри дека му била понудена култната улога – но решил да ја одбие. „Го одбив ‘Војна на ѕвездите’“, рече Пачино на настанот. „Кога првпат дојдов, бев ново дете во блокот. Знаете што се случува кога првпат ќе станете славни. Тоа е како: дајте му улога на Ал. Ќе ми дадеа да глумам кралица Елизабета. Ми дадоа сценарио со наслов ‘Војна на ѕвездите’. Ми понудија многу пари. Не го сфатив сценариото и затоа реков дека не можам да го сторам тоа. Му дадов кариера на Харисон Форд“. Додека звучеше прилично самоуверено за улогата што ја одигра во правењето ѕвезда на Харисон Форд, Пачино беше помалку уверен во својата изведба во друг култен филм: „Кум“. Актерот раскажа разговор што го имал со режисерот Френсис Форд Копола за неговата глума како Мајкл Корлеоне додека го снимале филмот. „Имав многу верба во тебе. А ти ме изневеруваш“, се сеќава Пачино како Копола му рекол за време на една вечера. „Седев таму и размислував, што по ѓаволите, што направив?“ Копола му рекол на младиот актер да гледа неколку снимки од филмот. „Сакав да дојдам од никаде и до крајот на филмот да создадам некаква енигма“, изјави Пачино. „Транзицијата на ликот е она што ме интересираше и мислев дека не можам да ја спасам“. Сепак, неговата улога во филмот била спасена со една сцена. „Сцената со Солоцо, каде што Мајкл пука во полицаецот. Копола го поттикна тоа бидејќи мислеше дека ‘Парамаунт’ ќе ме отпушти. Ја направив сцената, им се допадна, а ме задржаа затоа што застрелав некого“.
Comments