Адел го одложи престојот во Лас Вегас
Адел сподели емотивно видео на „Инстаграм“ во четвртокот, во кое со солзи во очите информира дека ги одложува концертите во Лас Вегас. 33-годишната пејачка заплака кога им соопшти на своите фанови дека е принудена да го одложи почетокот на многуочекуваната серија концерти во познатиот хотел „Цезар палас“ поради случаи на Ковид-19 во нејзината екипа. Адел призна дека се чувствува многу потиштена што не може да се качи на сцената и дека е засрамена од доцнењето. Таа во видео споделено на нејзините профили на социјалните мрежи рече: „Многу ми е жал, но мојот концерт не е подготвен“. „Се обидовме апсолутно сè што можеме за да го подготвиме навреме и да биде доволно добро за вас, но бевме апсолутно девастирани од коронавирусот. Половина од мојата екипа и тимот се заболени од Ковид-19 и беше невозможно да се одржи концерт“. Серијата концерти Weekends with Adele („Викенди со Адел“) беа објавени во ноември. Поп-дивата требаше да има по два настапа секој викенд до 16 април, односно во период од 12 недели. Сè уште не е познато кој ќе биде новиот датум за почеток на серијата концерти.
Comentarios