Агуеро не навива за никого, но гледа јасен фаворит во финалето во ЛШ
Серхио Кун Агуеро ги коментираше двете полуфиналиња меѓу Манчестер Сити и Реал Мадрид и остана максимално разочаран од конечниот исход на „Бернабеу“, но сега при последното гостување во „Ел Хормигеро“, Аргентинецот му даде предност на шпанскиот тим во големото финале во Лигата на шампиони.
„Кралевите“ се погрижија за вонсериски пресврт против Сити во ситуација кога имаа два гола негатива до 90-та минута, но ако се земе во предвид дека направија пресврти и против Челси и ПСЖ, лесно може да се заклучи дека Реал имаше најтежок пат до финалето во Париз.
Таму противник ќе му биде Ливерпул, тим кој е максимално разигран и кој не знае за пораз во 2022-ра година, но кој според Агуеро не може да влезе како фаворит во пресметка против Реал Мадрид.
Самиот Јирген Клоп посочи дека Ливерпул не може да биде фаворит против најуспешниот тим во историјата на натпреварувањето, но Агуеро смета дека искуството во финалињата ќе направи пресудна разлика на теренот.
– Во финалињата Реал секогаш е најдобар и има поголемо искуство од другиот тим. Начинот на кој Реал стигна до финалето, тоа за мене прави да има поголеми шанси во завршниот меч. Ливерпул веќе се сретна со Реал во финале во Лигата на шампионите и знае што може да очекува. Што се однесува до конечниот епилог на финалето, мене ми е сеедно, не навивам за никој, – открива Агуеро.
Comments