top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Агората, средиштето на античката Стибера, се конзервира во етапи

25.09.2024 Septemvri Sreda

Според архитектот Кире Јованоски, кој е конзерватор советник во прилепскиот Завод и музеј, годинава започнала првата фаза, согласно со проектот за конзервација и делумна реконструкција на агората, што е непосредно до храмот на божицата Тихе, заштитничка на Стибера. На овој простор се најдени многу ексклузивни наоди, меѓу кои мерна маса за течни продукти, мермерна ара со натпис што сведочи за нејзиното настанување и кој ја донирал…

Агората, плоштадот и јадрото на стопанскиот и на културниот живот во античкиот град Стибера, кој е и единствената градба од таков вид откриена на тлото на Македонија, се конзервира во етапи. Од прилепскиот Завод и музеј ги заокружуваат првите конзерваторски работи на агората, која е најпозната по мермерните статуи. Токму вработените во прилепскиот Музеј посочуваат дека античкиот град Стибера, каде што со истражувања се најдени преку 30 мермерни статуи на божества и на заслужни граѓани, храмови и многубројни вредни артефакти, кои може да се најдат само на најпознатите антички локалитети и претставуваат вистинска реткост во светски рамки, со конзерваторски зафати може да биде атрактивна туристичка дестинација.

Според архитектот Кире Јованоски, кој е конзерватор советник во прилепскиот Завод и музеј, годинава започнала првата фаза, согласно со проектот за конзервација и делумна реконструкција на агората, што е непосредно до храмот на божицата Тихе, заштитничка на Стибера.

„Во агората се најдени многу ексклузивни наоди, меѓу кои мерна маса за течни продукти, мермерна ара со натпис што сведочи за нејзиното настанување и кој ја донирал мерната маса. Конзервацијата на вакви значајни објекти од античкиот период е многу комплексна и во односот на материјалите. Годинава имавме среќни околности и е куриозитет да откупиме куќа што е правена со камен токму од Стибера и е од 1920 година. Дури најдовме и монета“, посочи Јованоски. Архелогот Душко Темелкоски, пак, додаде дека Стибера е македонската Помпеја со оглед дека се зачувани големиот број артефакти и статуи.

Инаку, Стибера, античкиот град лоциран на 17 километри југозападно од Прилеп, до селото Чепигово, покрај реката Блато, која се влева во Црна Река, постојано ја бранува јавноста со нови, извонредни откритија. Токму Темелкоски ѝ ги презентираше на пошироката јавност извонредно зачуваните наоди, мермерна скулптура на сопруга на император, агора (плоштад) и мерни маси што може да се сретнат во познатата Помпеја, во Италија. Според Темелкоски, токму Стибера, според значењето што го имала во античкиот период, заслужува повеќе внимание и финансиска поддршка од државата. Досега се откриени Гимназиумот, храмот на божицата Тихе, заштитничка на градот што броел околу 20 000 жители во својот најголем подем, Собранието, како и агората, градскиот плоштад каде што се вршела купопродажба на продукти, се одржувале манифестации, настани, јавни собири.

Иако откриениот дел од агората е на државно земјиште, со сондирање на тлото на овој простор е утврдено дека таму се наоѓаат уште неколку градби со различни функции. Сепак, проблемот се парцелите под кои „лежи“ градот, а се во приватна сопственост.

Мимоза Христоска, в.д. директорката на прилепскиот Завод и музеј, посочува дека во соработка со археологот Темелкоски ќе се направи соодветна документација и сета состојба ќе биде презентирана пред Министерството за култура за да се добијат поголеми средства за да се продолжи со работа и за да се обезбеди просторот во кој ќе може да се извршат археолошки ископувања.

Проектот за конзервација е 1,7 милиони денари, а првата фаза, која траеше 20-ина дена, се работеше со 500 000 денари.

Во претходниот разговор за весникот ВЕЧЕР, Темелкоски посочи дека треба да се реши проблемот со откупот на парцелите во приватна сопственост на мештаните од селото Чепигово.

„Со тоа, споменатите градби повторно би биле откриени и би се конзервирале. На тој начин, Стибера ќе го добие сјајот што го заслужува еден археолошки бисер и би прераснала во атрактивна културно-туристичка дестинација“, посочува  археологот Темелкоски.


0 views

Comments


bottom of page