top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Автопортрет со седум прсти“ од Ацо Шопов или противотров за заборавот

21.03.2024 Mart Cetvrtok

Во преполната хала на „Лабораториум“, завчера беше промовирана книгата „Автопортрет со седум прсти“ од Ацо Шопов, во издание на „Антолог“. Во оваа книга првпат се објавени прозните написи, огледи, критички осврти, есеи, дебати, беседи и интервјуа на познатиот македонски поет. На новите генерации таа им нуди можност да се препознаат во старите, да научат нешто повеќе од нив, за да ја продолжат културната и општествена изградба на нашата земја, и афирмацијата на нашата литература во светот.

„Не е залудно враќањето на текстовите од поблиското и од подалечното минато“, бидејќи тие одговараат на ‘многу прашања кои и ден-денес нè мачат’, напишал некогаш Шопов. Повеќе од шест децении подоцна, кога се враќаме на неговите текстови објавени во тогашната периодика, сфаќаме дека ‘виталните проблеми на денешницата’ од неговото време остануваат извонредно актуелни и во сегашниот миг. Зарем и ден-денес не го плаќаме цехот на нашата ‘особина да импровизираме’, на нашата навика да ‘се играме одговорност’, на ‘напластеното сало на нашето спокојство?’. Зарем и ден-денес не нè мачат темните обиди да се покријат со лага страниците од нашата историја, и зарем не нè водат кон безизлез ‘сфаќањата што осцилираат помеѓу тоталната негација и тоталната глорификација на сè она што го среќаваме во нашата културна историја?’”, велат од „Антолог“.

„Автопортрет со седум прсти“ е своевидна хроника на современата македонска културна историја, испишана со лирското перо и надвремениот стил на Ацо Шопов.

За интимната врска помеѓу стиховите и текстовите од „Автопортрет со седум прсти“ пред публиката се искажа Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

„Како поетот (си) прави автопортрет?“, се запраша промоторот. „Наједноставниот одговор би бил: со поетскиот опус. Сепак, драгоцената книга ’Автопортрет со седум прсти‘, приредена од ќерката на поетот, Јасмина Шопова, нè уверува дека всушност и прозните текстови (беседи, написи, статии, огледи, студии, критички осврти, интервјуа, посланија) пишувани во текот на целиот животен век и собрани во една нова и моќна целина, во еден мамутски мозаик, ни овозможуваат да ги запознаеме подлабоко и поетот и поезијата од многу нови агли едновремено, како во кубистичка слика“.

„Во книгата Ацо Шопов е (авто)портретиран како темелен мислител, ангажиран интелектуалец, посветен револуционер, многустран културен работник, суптилен есеист и раскажувач, книжевен преведувач, беседник (и мора да ставиме три точки), а од секој текст се гледа дека сите негови дејности се неразделни од примарната поетска вокација“, забележа Мартиновски пред да заклучи: „Затоа, оваа книга отвора пат не само кон нови читања и толкувања на песните и стиховите на Ацо Шопов, туку и кон потемелно разбирање на контекстот (и личен и општествен) во кој е настаната неговата вонвременска лирика.“

Ете зошто појавувањето на оваа книга е исклучително значаен момент за македонската литература и култура. Текстовите објавени во неа, кои со години трпеливо ги собирала сопругата на поетот, Светлана Шопова, пред да ги предаде во Архивот на Македонската академија на науките и уметностите, го отсликуваат поетското творештво и интелектуалниот ангажман на Шопов, но истовремено и нашата севкупна општествена и културна сцена во втората половина на дваесеттиот век.


1 view

Comments


bottom of page