„Австриската уметност по 1945“ претставена во Даут-пашин амам
31.10.2024 Oktomvri Cetvrtok
„Меѓу најголемите приоритети на Амбасадата е реципрочната промоцијата на културата на двете земји, културно наследство кое дејствува како мост меѓу цивилизациите и го поттикнува дијалогот. Уметничката креативност, изразување и делата што произлегуваат од нив се секогаш под влијание на традицијата и наследството…“, сподели меѓу другото, австрискиот амбасадор Мартин Памер на отворањето на изложбата. Тој посочи дека културната дипломатија, место за средба меѓу локалното и глобалното знаење е привилегиран посредник меѓу различни општества
Во Даут-пашин амам, во Скопје, од завчеравечер можат да се видат 50-ина слики и неколку скулптури, современи уметнички дела од повеќе автори кои со својот творечки и интелектуален потенцијал одиграле значајна улога во развојот на австриската ликовна уметност по 1945 и денес се дел и од повеќе приватни колекции. Тие се дел од изложбата која во нашата држава се реализира по повод 30 години воспоставена дипломатска соработка меѓу Австрија и Македонија. Изложбата „Австриската ликовна уметност по 1945“ се реализира во организација на Австриската амбасада во Скопје во соработка со Националната галерија на Македонија.
-Современа уметност по 1945 година во Австрија се карактеризира со богата разновидност на стилови, движења и пристапи. Од егзистенцијалната апстракција на повоениот период до радикалните изведби на виенскиот акционизам и концептуалните истражувања на постмодернизмот, австриските уметници постојано ги поместувале границите на она што уметноста може да биде и што може да претставува. Денес, австриската современа уметност и понатаму е енергично и динамично поле, кое ги одразува не само локалните специфичности на австриската историја и култура, туку и пошироките глобални струи на современата уметничка практика. Преку своето творештво, австриските уметници длабоко се вклучија во политичките, социјалните и технолошките промени во 20 и 21 век, давајќи значаен придонес на меѓународната уметничка сцена. Оттука, оваа изложба на македонската публика ѝ открива еден важен аспект од австрискиот културен идентитет. Таа отвора можност да видиме дел од творештвото на некои од авторите кои низ децениите наназад учествувале во оформувањето на австриската уметничка сцена и афирмацијата на новите ликовни тенденции, посочува Маја Неделкоска-Брзанова, директорка на Националната галерија.
Таа додава дека токму преку афирмацијата на уметничкото творештво во најголема мера можеме да ги зацврстиме културните врски меѓу народите и земјите, притоа секогаш истакнувајќи ги заемните и универзални вредности и поттикнувајќи исклучиво одредена хуманистичка димензија.
Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска-Ѓоргова, завчеравечер во Даут-пашиниот амам, пред многубројните љубители на уметноста, екселенции и други гости, истакна дека изложбата ќе остане забележана како потврда за долгата историја на одличните односи меѓу двете држави и култури.
„Одржувањето на пријателските односи и меѓу македонската и австриската култура е резултат на силниот влог и длабоката посветеност на разбирањето и отвореноста, на одржување на континуитетот во ткаењето на односите кои бележат несомнено голема традиција“, истакна Станчевска-Ѓоргова, напомнувајќи дека овој настан е потврда токму за важноста на меѓудржавните културни политики.
На отворањето на изложбата, австрискиот амбасадор Мартин Памер, пак, посочи дека културната дипломатија, место за средба меѓу локалното и глобалното знаење е привилегиран посредник меѓу различни општества.
„Меѓу најголемите приоритети на Амбасадата е реципрочната промоцијата на културата на двете земји, културно наследство кое дејствува како мост меѓу цивилизациите и го поттикнува дијалогот. Уметничката креативност, изразување и делата што произлегуваат од нив се секогаш под влијание на традицијата и наследството…“, сподели, меѓу другото, австрискиот амбасадор, кој лично се заблагодари за реализацијата на овој настан.
На свеченото отворање на изложбата во Даут-пашин амам, се обратија и Кристоф Тун-Хоештајн, амбасадор и раководител на Директоратот за културна соработка при австриското Министерство за европски и меѓународни прашања и Волфганг Бандион, куратор на изложбата. (Д.Т.)
Comments