Австралија ја прошири истрагата против Ѓоковиќ по неговото признание
Австралиската влада ја прошири истрагата против Новак Ѓоковиќ, откако српскиот тенисер синоќа преку објава на Инстаграм призна дека се движел во јавност додека бил заразен со ковид-19.
Австралискиот портал „Ејџ“ објави дека службеници од имиграцискиот оддел ги разгледуваат постапките како прекршувањето на изолацијата од страна на Ѓоковиќ во Србија, неточните информации за патувањата што им ги дал на граничните служби по пристигнувањето во Австралија и неусогласеноста на датумот со тестот за ковид-19.
Австралискиот министер за имиграција, Алекс Хоук, и натаму не донел одлука дали ќе му ја укине визата на Ѓоковиќ. Тој има право да му ја одземе визата на Србинот одобрена од страна на судот во Мелбурн. Министерот може да го направи тоа врз онова на фактот што Ѓоковиќ, односно неговиот тим во патничкиот формулар изнеле неточни информации според кои тенисерот не патувал никаде 14 дена пред да пристигне во Австралија, а во меѓувреме бил во Шпанија.
Освен тоа, Хоук може да го депортира Ѓоковиќ врз основа на правило што во австралискиот закон се нарекува „сопствена проценка на личноста“. Одлуката требаше да биде донесена денеска, но беше одложена откако адвокатите на Ѓоковиќ изнесоа нови докази.
Други членови на австралиската влада сметаат дека целиот циркус трае предолго и дека Хок треба да одлучи што е можно поскоро, но изворите на „Ејџ“ тврдат дека за тоа ќе бидат потребни уште неколку дена.
Тоа значи дека се уште не е јасно дали Ѓоковиќ ќе игра на „Австралија опен“, кој почнува идната недела. Бранителот на трофејт треба првиот меч да го одигра в понеделник или вторник.
Comments